Поголемиот дел од медиумите ја критикуваат Владата и констатираат дека судејќи според досегашната практика, ништо значајно нема да се смени и по првите владини 100 дена. Според повеќето медиуми, Владата негативно влијае врз стабилноста, безбедноста и развојот на државата и спроведува „селективна битка за политичко дискредитирање на неистомислениците додека Красниќи шета слободен, а фантомски вооружени групи упаѓаат на Нота-фест” и дека „политичкиот булдожер во справувањето со дивоградбите спласна како стара `рѓосана машина“.
Едновремено, медиумите констатираа дека и покрај најавите за воведување „регулаторна гилотина“, „уште повеќе продолжи партизацијата на институциите на системот во кои граѓанинот не се чувствува како да влегол во државна институција, туку како да е пред партиски суд“.
Песимизам и разочараност се главните карактеристики за повеќето објавени прилози на темата „Македонија и ЕУ“. Поради лошите вести што доаѓаат од институциите и авторитетите од ЕУ (т.е. нивниот негативен став за посакуваното брзо напредување кон еврочленството), во медиумите доминираат разочарувачките и песимистичките прогнози за можното скорешно зачленување на Македонија во ЕУ.
Ова се само дел од констатациите на најновиот извештај на „Медиумското огледало“, квалитативниот мониторинг на медиумите, на НВО Инфоцентарот, кој беше фокусиран на Рамковниот договор, трансферот на власта, евроинтегративните процеси и цивилниот сектор и кој се однесува на декември 2006 година.
Во набљудувањето се вклучени 12 медиуми: „Шпиц“, „Вечер“, „Време“, „Дневник“,„Утрински весник“, „Факти“, ТВ „А1“, ТВ „Канал 5“, „МТВ 1“, „МТВ 2“ (вести на албански јазик), ТВ „Сител“ и ТВ „Телма“.
Медиумско огледало, декември 2006 – PDF верзија (374KB)