Брзиот трансфер на пари, сè уште им го загорчува животот на социјалците. Центрите за социјални работи од регионов не сакаат да им ги укинат решенијата на социјалците кои станаа должници на државата, поради пари добиени од странство, иако во февруари оваа година беше избришан членот од Правилникот со што брзиот трансфер на пари, нема да биде пречка за остварување на правото за социјална помош.
Според адвокатот во НВО КХАМ, Аксел Ахмедовски, оваа ситуација го отвора прашањето, дали се применуваат измените на Правилникот донесени од поранешната министерка Ременски и дали социјалците сега заглавија во правниот лавиринт?
„На терен измената на Правилникот не се применува онака како што треба. Се судруваме со случаи во кои брзиот трансфер на пари сè уште претставува пречка за укинување на правото на социјална помош. Имаме поднесено предлози за прогласување на решенјата како ништовни. Имаме поднесено 19 предлози за бришење на решенијата во Виница, а 3 во Пехчево“, рече Ахмедовски.
Центрите ги одбиваат предлозите за бришење на решенијата, бидејќи немале насоки од Министерството како да постапуваат со овие решенија.
„Службените лица забораваат дека правилникот е донесен во февруари 2015 година со кој се констатира фактичка состојба од 2013, 2014 година, се применува ретроактивно. Решението е незаконско и од тие причини. Одговорот од Центарот од Виница е неприфатлив, тие велат дека чекаат насока од Министерството за тоа на кој начин да се реши предлогот за бришење, а кога ќе ги добиеле насоките ќе нè известат, а се повикуваат и на тоа дека ќе бараат мислење од извршениот иснпекциски надзор во центрите, што ние немаме никаква врска со тоа“, истакна Ахмедовски.
Оваа состојба, според Ахмедовски, го поткопува правниот систем.
„Со ова се поткопува правниот систем, се загрозува состојбата на најсиромашните слоеви граѓани“, рече Ахмедовски.
Од Центрите за социјални работи во регионот кои ги контактиравме не добивме одговори што ќе направат со овие решенија и зошто решенијата не се поништуваат. Според информациите со кои располагаме, скоро 500 илјади евра должат 2.203 социјалци на Министерството за труд и социјала, поради брзиот трансфер на пари и спорниот член од Правилникот за доделување социјална помош кој беше донесен во 2015 година, но имаше ретроактивна примена.
Губењето на социјалната помош по оваа основа, лани, предизвика бура на реакции од социјалците, но и од НВО сектор кој поднесе иницијатива до Уставниот суд за измена на Правилникот во делот што се однесува за брз трансфер на пари.
„Мене ми пушти пари сестра ми од Германија за да купам патики на детето, да не оди босо и гладно на училиште“, вели жител на с. Црник.
„Јас работев тутун и заработив 30 илјади денари, никој не ми кажа дека треба овие пари да ги пријавам, па ми ја укинаа социјалната помош и три години не земам социјалка, сега треба да вратам на државата 25 илјади денари, за што јас сум работел?“, реагира жител од с. Црник.
Тогаш, Зоран Биковски од НВО КХАМ испрати порака дека примателите на социјална помош треба навремено да се информираат за сите промени.
„Државата треба да ја преземе својата социјална улога и на време да ги информира граѓаните, не се утврдува социјалниот ризик од канцеларија“, рече Биковски.
На крајот ,и по една година потоа и по бришењето на спорнот член од Правилникот, состојбата на терен останува статус кво, а неизвесноста и долгот тежат врз плеќите на најсиромашната категорија граѓани.
Извор: Канал 77
Прилогот е дел од серијата „Пет лекции за петка по човекови права“, како дел од проектот „Застапување за слобода на изразување“ на НВО Инфоцентарот и Центарот за развој на медиуми, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Прилогот е овозможен со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско општество. Содржината на прилогот е одговорност на ЗГ „Медиа плус“ Штип и на авторите и не ги изразува ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави.