МОЛК НА ПОЛИТИЧАРИТЕ ЗА ДОБРИТЕ И ЛОШИТЕ СТРАНИ НА РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА ИМЕТО
НВО Инфоцентарот, во соработка со Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), а во рамките на проектот „Време е за ЕУ“ поддржан од Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ) и Институтот за трајни заедници (ИТЗ) преку фондови за агенцијата на Соединетите Американски Држави за меѓународен развој (УСАИД), спроведува мониторинг на медиумите за начинот на кој тие информираат за евроинтеграциските процеси. Во мониторингот се вклучени седум дневни весници (Утрински весник; Дневник; Вест; Вечер; Време; Нова Македонија и Шпиц) и седум телевизии со национална и сателитска концесија (А1; Канал 5; Сител; Телма; МТВ 1; Алфа и Алсат).
Во периодот, мај – јули 2009 година (секој понеделник и четврток - телевизии; секој вторник и петок – дневни весници), темите за кои новинарите најмногу информираа се: спорот за името со Грција; визната либерализација; изборите за Европскиот парламент; теми поврзани со реперите и проширувањето на Европската унија.
Анализата на медиумите покажа дека во споредба со претходниот мониторинг (февруари – мај), во овој период, медиумите подобро информираа за евроинтеграциските теми, особено за изборите во Европскиот парламент и за визната либерализација.
Во информирањето на медиумите се уште се присутни грешки кои најверојатно се должат на недоволното познавање и разбирање на евроинтеграциските процеси; несоодветните и нерелевантни извори на информации поради затвореноста или недостапноста на релевантните извори на информации, недостигот од капацитет за истражување и анализа; уредувачката политика која бара од новинарите да следат повеќе теми во исто време што оневозможува компетентна новинарска специјализација за определена област.
Имајќи ја предвид сензитивноста на прашањето за спорот со името и доверливиот карактер на пакетот што го нуди преговарачот на ООН, медиумите de facto немаат пристап до официјални информации. Во рамките на своите можности, медиумите и натаму се обидуваат да играат про-активна улога и да ги отвараат прашањата за кои молчат политичарите, како на пример, значењето и можните последици од референдумот за името.
Ако во претходниот извештај констатиравме дека во медиумите отсуствува детална анализа за процедурата и содржината на документот со којшто се дефинирани чекорите кои Република Македонија треба да ги направи за да добие визна либерализација, во овој мониторинг забележуваме дека и содржината и процедурата за добивање визна либерализација беа доволно застапени во новинарските написи. Но се уште отсустваат информации за должностите на македонските граѓани кои ќе патуваат без визи во Европската унија (како на пример, дека ќе мора да покажат дека имаат доволно пари со себе, дека мора да имаат осигурување, дека не смеат да останат повеќе од 90 дена годишно во Шенген-државите, дека не смеат да работат и др.).
Како нов тренд кој се појавува во овој период е темата за билатералните спорови меѓу државите од регионот и позицијата и учеството на ЕУ во нивното решавање. Во информирањето за оваа тема, граѓаните не добија доволно информации за јасно и прецизно да разберат дека ЕУ, пред се функционира врз принципот на солидарност, односно дека ЕУ во ниеден момент нема официјално да истапи и делува против убедувањата и ставовите на своите држави-членки, како и дека претпочитува билатералните спорови да ги решат засегнатите држави меѓусебно.
Едно од клучните прашања каде што постои отсуство на анализа, но и целосно неразбирање е прашањето за регионалната соработка како составен дел од Процесот на стабилизација и асоцијација. Ова особено е присутно кај визната либерализација во контекст на односите со Србија и Црна Гора, но и околу прашањето за мини-шенген зоната меѓу Македонија, Црна Гора, Албанија и Косово. Очигледна е дека медиумите прават забуна меѓу регионалниот пристап што ЕУ го применуваше до 1999 година и регионалната соработка која е дел од стратегијата за приближување на Западен Балкан кон ЕУ и како таква составен дел на Спогодбите за стабилизација и асоцијација како договорен инструмент за реализација на таа стратегија.
Како и во претходниот период, и сега медиумите површно го знаат начинот на кој функционира финансискиот инструмент ИПА и пренесуваат паушални бројки за износите предвидени за Македонија. Во овој период, тоа се забележува во информирањето за петтата компонента наменета за земјоделскиот развој, а администрирана од ИПАРД агенцијата.
НВО Инфо-центарот и МЦЕО, и во наредниот период, ќе продолжат со мониторинг на медиумите, особено насочен кон информирањето за Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија впо 2009 година.
Време е за ЕУ! – Мониторинг на медиуми, II извештај (679KB)