Медиумите блиски до власта формираат нов синдикат на новинари, каде што дел од медиумските работници се принудуваат на членство и против нивната волја, тврдат за БИРН претставници од медиумите.
Од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) реагираат дека „очигледно во тек е акција за формирање паралелна организација која, по теркот на Македонската асоцијација на новинари (МАН), треба да биде пандан на автентичната медиумска организација“.
Во новиот синдикат, како што дознаваме, веќе членуваат дел од новинарите и медиумските работници од телевизиите „Алфа“ и „Сител“, од весниците „Вечер“ и „Македонски спорт“, а во тек е собирање членство и од порталот „Телеграф“. Дел од новинарите кои одбиле да ги потпишат пристапниците, а не сакаа да зборуваат јавно, според нашите сознанија, наишле на закани од страна на главните уредници дека ќе бидат избркани од работа, дека нема да добијат плата и др. „Дојде главниот уредник и рече дека колку пристапници донел во редакцијата, исто толку, само потпишани, мора да ги врати“, сведочи за БИРН новинар кој не сака да членува во новиот синдикат.