Владата, според медиумите, постојано се наоѓа во криза и тоа најчесто заради тешкотијата да ги балансира конфликтите меѓу коалиционите партнери. Меѓутоа, Владата освен што се наоѓа во криза, медиумите сметаат дека таа и самата генерира кризи. Оттаму, по повеќе од една година од формирањето на Владата, не спласнува интересирањето на медиумите за проучување на феноменот „двоглава Влада“ односно како што истакнуваат: „едната на премиерот Никола Груевски, а втората на лидерот на ДПА, Мендух Тачи. Првата посветена на економската мисија и на борбата против криминалот и корупцијата. Втората, на меѓуетничките односи, а во последно време и на вкупните интерпарламентарни релации“.
Иако медиумите настојуваа да ја избалансираат одговорноста за неповолните оцени содржани во Извештајот на Европската комисија, сепак, натежнува критиката упатена до Владата, особено до политиката на премиерот Груевски. Врз основа на настаните: „испадот“ на Мендух Тачи односно неговиот коментар за работењето на евроамбасадорот Фуере, лошата комуникација меѓу партиите, констатацијата на Оли Рен дека Македонија создава тензии во регионот, одлуката за промена на регистарските таблици на возилата во Македонија, како и доцнењето со усвојувањето на законите од европската агенда, повеќето од медиумите оценуваат дека оваа Влада има слаба надворешна политика.
Ова се само дел од констатациите на континуираниот квалитативен мониторинг на медиумите во Македонија – „Медиумско огледало“, кој го спроведува НВО Инфоцентарот, а кој се однесува на ноември и почетокот на декември 2007 година.
Овој извештај претставува и заокружување на проектот кој започна во мај 2005 година, со финансиска поддршка на Фондацијата Институт отворено општество Македонија и Шведскиот хелсиншки комитет за човекови права, со седиште во Стокхолм.
Медиумско огледало, ноември 2007 – PDF верзија (386KB)