Родителите на средношколката од Велес, Илина Димовска добиле известување од класниот раководител дека Наставничкиот совет на училиштето „Кочо Рацин“ одржал вонреден состанок и едногласно ја укинал одлуката за намалување на поведението на Илина заради критички коментар на фејсбук упатен кон училиштето, информира Радио МОФ.
Според Радио МОФ, состанокот бил одржан на 29 јануари, еден ден по обелоденувањето на случајот во јавноста, но родителите се уште немаат добиено никаква одлука поврзана со поведението на средношколката. Единствено, кога Илина го добила известувањето со полугодипните оценки, забележала дека поведението и е намалено од примерно, во незадоволително.
Како што веќе информираше НВО Инфоцентарот, Илина Димовска е санкционирана со намалено поведение, само затоа што, објавила Фејсбук статус во кој го критикува училиштето заради тоа што вработените на денот на потронатот ги избркале од училиште сите ученици кои не носеле униформи.
Средношколката и нејзините родители најавија дека ќе бараат и правна разврска за овој случај, затоа што, една државна образовна институција наместо да ја поттикнува критичката мисла, незаконски ја санкционира и загрозува слободата на изразување.