Без запирање на атмосферата на линч и страв не може да има фер и демократски избори
Пред три години, на 24 декември 2012, авторитарниот режим на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и физички крена рака и се пресмета со демократијата и слободата на изразување во Република Македонија. Пратениците со клоци беа исфрлени од собраниската сала, а новинарите беа насилно и со закани истуркани и оневозможени да ја информираат јавноста за случувањата во законодавниот дом.
„Црниот понеделеник“ претставува и ќе претставува симбол на недемократското владеење на оваа власт во оставка која постојано ја засилува атмосферата на линч и страв спрема сите слободољубиви граѓани во Република Македонија.
И пред и после овој „црн понеделник“ сведоци сме на постојани притисоци, напади и закани врз граѓанските активисти, новинарите, медиумите, опозиционерите, обичните граѓани. Секој што мисли поинаку од оваа власт и секој што бара демократија, правда, почитување на основните граѓански слободи и права е прогласен за непријател, кодош, шпион, платеник, соросоид. Десетици активисти и новинари се нападнати или пак, добиле закани за својот живот.
До овој момент надлежните институции не процесираа ниту еден случај и досега пред лицето на правдата не се појави ниту еден од нарачателите и сторителите на овие напади и закани врз активистите, новинарите, граѓаните.
Без откривање и расчистување на овие случаи, без запирање на насилството и стравот во Македонија и без слобода на изразување, ниту можат да се подготват, ниту пак, можат да се спроведат слободни, фер и демократски избори.
Затоа, НВО Инфоцентарот бара Министерството за внатрешни работи да спроведе квалитетна, но и брза истрага за сите случаи на напади и закани врз новинарите и активистите. Насилниците мора да бидат откриени и обесхрабрени. Само на таков начин граѓаните ќе се чувствуваат слободно, безбедно и заштитено.
Се дотогаш, нема правда – нема мир!