newspapers-and-glasses-1341392353G4g

Традиционалните медиуми во Македонија немаат истражувачко новинарство

на јул 8, 16 • од

Секој четврти текст од илјада објавени е класичен истражувачки текст во традиционалните медиуми во Македонија, покажа истражувањето на три невладини организации кои се занимаваат (и) со медиуми и медиумски политики – Центарот за граѓански комуникации, БИРН и НВО Инфоцентарот...
Pin It

Home » Активности, Слобода за слободата на изразување » Традиционалните медиуми во Македонија немаат истражувачко новинарство

Пишува Теофил Блажевски

Секој четврти текст од илјада објавени е класичен истражувачки текст во традиционалните медиуми во Македонија, покажа истражувањето на три невладини организации кои се занимаваат (и) со медиуми и медиумски политики – Центарот за граѓански комуникации, БИРН и НВО Инфоцентарот.

Резултатите од истражувањето, поддржано од Европската унија, беше претставено на дебата во која поканетите – претежно новинари и претставници на струкови организации, можеа да ги изнесат своите впечатоци и да дадат предлози како да се подобри состојбата.

Во традиционални медиуми спаѓаат телевиизјата, радиото и печатените медиуми, без оглед дали имаат веб сајтови или не. Во истражувањето не биле земени предвид интернет порталите, но заедничка беше констатацијата дека истражувачкото новинарството во Македонија во моментот се наоѓа таму и живее единствено благодарение на меѓународната донаторска заедница.

За потребите на истражувањето биле мониторирани 10 традиционални медиуми – Македонската радио телевизија, Алсат М, Сител, Телма и регионалната Тера телевизија, потоа дневните весници Слободен Печат,  Дневник и Коха и неделниците Фокус и Капитал.

ШОКАНТНО ПО КВАНТИТЕТ

Клучните наоди, како што беше истакното и при самата презентација и при дебатата, се најблаго речено песимистички. Класични истражувачки стории во набљудуваниот период од три недели во три последователни месеци, имало само 0,4 отсто, што укажува на тренд на целосна незаинтересираност за истражувачко новинарство, како врв на новинарските техники или постапки кои обезбедуваат нови сознанија кои потоа можат да влијаат врз јавноста, а таа пак врз јавните политики.

Истражувачите, поради поширока рамка и не толку „строго судење“, ги зеле предвид и новинарските текстови што влегуваат во поджанрот анализа, бидејќи и во анализите често се наоѓа по некоја истражувачка постапка или елемент кој довел до одредени сознанија, кои потоа се коментираат и анализираат. Но, дури и така гледано, резултатот е песимистичен. Истражувачките текстови и анализите во медиумите што биле набљудувани не ја надминале бројката од 5 отсто во споменатиот период.

Istrazuvachko-novinarstvo-pita-1

Притоа, истражувањето покажало дека од оваа скрoмна бројка, печатените медиуми се тие кај кои има повеќе истражувачки стории и анализи. Соодносот на процентите изнесува 58 отсто наспроти 42 отсто во полза на печатените медиуми. Интересен е и наодот за тоа што е атрактивно за традиционалните медиуми, по области.

Најмногу анализи и истражувања има од темата `Економија`, следат `Политичката криза` и `Изборите`. Економијата како тема е застапена во дури 32% од текстовите, актуелната политичка криза е тема во 16% од текстовите, а изборите во 13% од текстовите. 9% од текстовите се на тема `Безбедност`, а здравството е тема во 4% од текстовите. Другите теми се со значително помала застапеност – се наведува во резултатите од истражувањето.

Каква е (не)заинтересираноста на традиционалните медиуми за истражувачкото новинарство зборува и податокот дека повеќе од половината од истражувачките стории или анализи, тие не ги објавуваат на насловните страници или во најавата на вестите. Процентот на ненајавени наспроти најавени стории изнесува 54, наспроти 46 отсто, при што тука водат телевизиите, кои многу почесто ги најавуваат сториите отколку весниците. Но, освен ова, уште еден податок збрува за третманот што го има истражувачкото новинарство. Ваквите текстови не се наоѓаат во првите минути или на почетните страници на весниците. Кај неделниците тоа е обично 21-та страница, во дневните весници некаде на 5-6 та страница, додека кај телевизиите овие стории се емитувале во просек во 13-тата минута од вестите.

Местото и времето на објавување на текстот повторно говорат за значењето кое им е дадено на овие написи. Тоа што најголем дел од анализите и истражувањата не се објавуваат на почетните страници или во првите минути од вестите говори дека медиумите не ценеле дека нивната важност и квалитет се на соодветно ниво – се оценува во истражувањето. 

Светла точка, можеби е фактот, што дури 90 отсто од објавените анализи или истражувачки текстови биле со потпишан автор, а само 2 отсто биле потпишани со иницијали и 2 отсто биле непотпишани текстови.

 

ШОКАНТНО И ПО КВАЛИТЕТ

Колку и да се шокантни квантитавните бројки, шокантни се и квалитативните и тие не зборуваат во прилог на традиционалните медиуми. Најсветла точка од овие лоши сегменти во однос на квалитетот е бројот на употребените извори. Во повеќе од половината на текстовите има три и повеќе извоори (54 отсто), но не е занемарувачка бројката од 19 отсто каде има само еден извор или 9 отсто каде нема ниту еден извор.

Istrazuvachko-novinarstvo-pita-2

Избалансираноста на изворите, односно преставување на двете (или повеќе) страни во приказната е едно од најсушествените правила на новинарската професија. Со тоа што во значаен број од текстовите е претставена само една страна, се доведува во прашање нивната објективност – оценуваат од истражувачкиот тим.

Но, без оглед на високата бројка на употребени три и повеќе извори, тоа не е гаранција за сеопфатноста на текстот, односно неговата едностраност. Истражувањето покажало дека дури во 47 отсто од текстовите е застапена само едната страна. До оваа бројка се доаѓа со 38 отсто од текстови кои се сметаат за аналитички или истражувачки во кои има само извор или извори од една страна, и 9 отсто текстови во кои нема воопшто наведен извор. Ваквите бројки сериозно ја доведуваат во прашање балансираноста и фер известувањето кај истражувачките стории кај традиционаните медиуми, заклучуваат во анализата на резултатите.

 

Istrazuvachko-novinarstvo-pita-3

 

 

Дури и употребените извори не зборуваат во прилог на сеопфатноста на текстовите. Најзастапени со 23 отсто се изворите од државните органи или институции, бизнис секторот е застапен со 13 отсто, политичките партии како извор се користени во 10 отсто од случаите, судството и невладините организации по 7 отсто… додека обвинителството или образованието, на пример, се застапени со по 1 отсто.

За впечатокот да биде полош, на крај се зборува за малата поткрепа на текстовите со документи.

Istrazuvachko-novinarstvo-pita-4

Во доминантен дел од текстовите нема или не може да се оцени дали новинарот има документи за потврда на наодите од истражувањето или анализата. Во дури 82% од анализираните текстови нема или не може да се оцени дека новинарот имал или видел документи со кои се потврдуваат тврдењата во истражувањето или анализата. Само во 7% од текстовите има јасно приложени вакви документи, а во другите 11% се сфаќа дека новинарот поседува или видел такви документи, но тие не се покажани. 

 

ЈАВНИОТ СЕРВИС – ИЗЛЕЗНО РЕШЕНИЕ 

Кога ќе се проанализира ова истражување за квантитетот и квалитетот на истражувачкото новинарство во Македонија, во делот на традиционалните медиуми, станува јасно зошто импактот врз јавноста е мал. Едноставно малубројно и недоволно квалитетно е самото истражувачко новинарство, а оттука и влијанието врз јавноста. Кога ќе се поврзе ова, со, да речеме, актуелната политичка криза во земјата која трае безмалку две години, тогаш е јасно зошто и нема промена на јавните политики – нема доволно информирана јавност која би извршила соодветен притисок. Тоа го оцениле и пишувачите на анализата на резултатите од истражувањето, за кои малата бројка на текстови од овој тип е „загрижувачка“.

Истражувачкото новинарство е механизмот за обезбедување на одговорноста на властите пред пошироката јавност и за градење на кулутра на отвореност и отчетност на носителите на власта….Со малата застапеност на истражувачките и на аналитичките новинарски текстови во земјава, медиумите не придонесуваат кон заштитата на јавниот интерес и не успеваат да информираат за разни теми од важност за граѓаните, да бараат одговорност од властите и да бидат критички кон центрите на моќ.

Во дебатата која уследи по презентирањето на резултатите, беа идентификувани главните причинители за ваквата состојба – политичките елити на власт кои не се заинтересирани за слободно и одговорно новинарство, сопствениците на медиумите, кои работат во услови на непостоење на слободен пазар и пзар кој е битно нарушен од владините реклами, но и сопственици, кои едноставно не се заинтересирани за вистината, бидејќи медиумите не им се основен бизнис.

Оттука, повеќе учесници оценија дека можеби единственото решение во вакви услови е зацврснување и засилување на јавниот сервис, т.е. МРТ како медиум, кому доколку му се обезбеди уредувачка и финансиска независност, би можел да придонесе за засилување на истражувачкото новинарство кај традиционалните медиуми, подигање на новинарските стандарди генерално, а со тоа и да изврши неопходно влијание врз јавноста и со тоа врз политичките елити.

 

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓанитеВистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка наамериканската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Линк до оригиналниот текст на Вистиномер

 

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top