Antitela-Naslov_mal 2

Тестовите за антитела се непотребен трошок за граѓаните

на јун 13, 21 • од

(English) Macedonian citizens voluntarily perform antibody tests before receiving the vaccine, after receiving the first dose, and then after the revaccination. Doctors advise not to be exposed to costs, because such tests are done only for medical purposes. The most important thing is for the citizens to receive the vaccine and to create collective immunity...
Pin It

Home » Активности, Анализи, Важни, Ковид Имунометар » Тестовите за антитела се непотребен трошок за граѓаните

Македонските граѓани самоиницијативно прават тестови за антитела пред примањето вакцина, по примената прва доза, а потоа и по ревакцината. Лекарите советуваат да не се изложуваат на трошоци, бидејќи вакви испитувања се прават само за медицински цели. Најважно е граѓаните да примат вакцина и да се создаде колективен имунитет.

Авторка: Маја Јовановска

Antitela-Naslov

Голем број македонски граѓани самоволно и без причина прават тестови за антитела од КОВИД-19. Тие, на социјалните мрежи, постојано споделуваат резултати кои ги направиле пред или по примање вакцина против коронавирусот.

„Дали со овие резултати од антитела можам да се вакцинирам?“

„Немам прележано корона, ниту сум била во близок контакт со позитивен. Но, проверив антитела.“

Ова се дел од стотиците прашања на Фејсбук групата КОВИД-19 искуства и совети каде граѓаните им поставуваат прашања на лекари, но и прават споредби со искуствата на други лица кои правеле тестови за антитела.

Лекарите им препорачуваат на граѓаните да не се изложуваат непотребно на трошоци за тестови за антитела и дека најважно е да примат вакцина бидејќи тоа е најсигурната заштита од КОВИД-19.

Директорот на Институтот за имунобиологија и хумана генетика, Александар Петличковски, вели дека ниту една светска здравствена институција нема препорака да се прават тестови за антитела по примена вакцина.

Aleksandar„Не се препорачува да се анализираат антитела за КОВИД-19 по примена вакцина.Овие анализи се важни од научен аспект, за проучување и потврдување на хуморалниот одговор кон вакцините. Тој е многу убедливо потврден и не е потребно секој индивидуално дополнително да го проверува“, вели Петличковски.

Професорот по микробиологија, Никола Пановски, е на истото мислење дека целта на имунизацијата е да се постигне колективен имунитет, па и оние кои не се вакцинирале да бидат посредно заштитени.

„Секако дека ако сите прават тестови, тоа е значителен финансиски трошок, кој не ги оправдува ефектите кои би се добиле“, изјави доктор Пановски.

Цената на тестовите за антитела од 800 до 1200 денари

Тестови за антитела се прават во сите приватни лаборатории кои прават тестирање и за КОВИД-19. Цените се движат од 800-тини до 1.200 денари. На граѓаните им се нудат разни пакети, попусти и комбинации од тестови поврзани со КОВИД-19.

„Се вакцинирав во Србија со Астра-Зенека. Пред да одам направив комплетна крвна слика, со ддимери и тест за антитела. Не ми препорача лекар, туку затоа што читам по разни форуми на социјални мрежи дека е добро да се знаат одредени параметри, решив да направам некои испитувања. Направив тест за антитела и по првата примена доза“, вели скопјанката Соња Ивановска.

Доктор Петличковски смета дека граѓаните не треба да ги споредуваат бројките добиени со тестирање на антитела, бидејќи тие не укажуваат на силината на реакцијата, туку се само показател дека имуниот систем се активирал.

„Важната информација од ова тестирање е дали тестот е позитивен (има антитела) или негативен (нема антитела). Количината на антитела не ја отсликува вкупната ефикасност на вакцината и затоа граѓаните кои имаат ниска количина антитела по вакцинирање не треба да бидат загрижени дека вакцината не функционира“, објаснува Петличковски.

Во други држави тестови за антитела само за научни цели

Дали тестови за антитела се прават и во други држави, прашавме наши сограѓани кои живеат во Австралија, Велика Британија, Франција, Германија. Во ниту една од овие држави луѓето не прават тестови за антитела „на своја рака“. Секаде се вршат вакви анализи исклучиво во научни цели.

„Мене преку пошта ми стигна тест за антитела. Не’ бираат по случаен избор. Не сум слушнала дека масовно се спроведуваат тестирања“, вели Маја Петрушевска која живее во Лондон.

„Единствени кои правеа тестови за антитела се дел од здравствените работници кои проверуваа дали го прележале вирусот без симптоми и најтешките случаи на заболени од КОВИД-19. Никој од моето опкружување не правел тест за антитела, дури ни мене кој бев случај со висок ризик поради прележана белодробна емболија, лекарите не ми бараа да направам такво тестирање пред или после вакцинација“, ни изјави Дејан Ѓуров од Париз.

Откако почна вакцинацијата, граѓаните во Северна Македонија се загрижени дали по примените вакцини организмот ќе развие антитела. Особено сега е актуелна дебатата која вакцина е најбезбедна, односно која најмногу штити од заболување со коронавирусот. Професорот Пановски вели дека самата концентрација на антитела, за која се загрижени граѓаните, дали е доволна или не, не е толку битна. Важно е дека ги има, а тоа значи дека организмот ја примил вакцината, дека таа се „фатила“, или дека кај прележаните го „познава“ вирусот. Имунитетот е индивидуална работа, некои лица создаваат многу антитела, а други само толку колку што е потребно.

Nikola„Кога би го објаснил ова сликовито низ секојдневниот живот би изгледало вака. Повеќе лица имаат имоти и решаваат како да ги заштитат од кражба, и тоа секој на свој начин. Првиот се решава да изгради висок ѕид и никој никако да не може да влезе внатре. Ова би биле лицата кои не заболуваат од ковид, дури и да се во близок контакт со вирусот, не се ни инфицираат. Такви се голем број од децата, на пример. Другиот се решава имотот да го заштити така што ќе постави околу имотот сто воружени стражари. Тоа се оние кои имаат многу големи концентрации на антитела. Третиот си вели, што ќе ми се сто стражари, кога и пет ќе завршат работа. Тоа се лицата со помала концентрација на антитела. Четвртиот си вели, скапо ми е да држам стражари, ги знам крадците, ќе им дозволам да влезат во имотот, можеби ќе направат малку штета, но поставив камери и ќе ги фатам живи на дело додека крадат. Тоа се оние со клеточен имунитет. Се разбира во имуниот одговор учествуваат секогаш комбинации од овие стратегии на одбрана“, објаснува доктор Пановски.

Двајцата лекари, Петличковски и Пановски, не паметат дека некогаш за некоја вакцина имало интерес, ниту пак, пракса за тестирање за антитела и дополнително за тоа да плаќаат од свој џеб.

„Но, никогаш до сега немало толку многу изразена недоверба, дискусии и теории на заговор околу некоја вакцина. Затоа луѓето сакаат да видат бројка која ќе ги увери дека вакцините функционираат и ќе ги успокои“, заклучува Петличковски.

Иако, македонските граѓани самоиницијативно прават тестови за антитела пред примањето вакцина, по примената прва доза, а потоа и по ревакцината, лекарите недвосмислено советуваат тие да не се изложуваат на непотребни трошоци, бидејќи ваквите испитувања се прават само за медицински цели. Најважно е граѓаните да примат вакцина во што е можно поголем број и на таков начин да се создаде колективниот имунитет кој ќе ја сузбие пандемијата од Ковид-19.

 

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top