Фокусот на дискусијата на неформалната Коалиција за нулта толеранција, составена од граѓански активисти и новинари, на денешниот тематски форум беше „Дали и како се пријавува корупцијата во институциите?! Кои се механизмите на институциите, дали има линии за пријавување, дали тие функционираат, ефекти и резултати?“.
На форумот, како панелисти, говореа: Васко Маглешов,новинар; Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика, Ѓоко Танасоски, директор на Царинска управа, Дејан Андонов, помошник министер за внатрешна контрола при МВР и Софка Пејовска Дојчиновска, член на ДКСК.
Софка Пејовска Дојчиновска нагласи дека од 2016 година, кога е донесен Законот за укажувачите, односно „свиркачи“, се го годинава, немало ниту една пријава од укажувачи. По прв пат, во 2019 година, има 19 пријави од укажувачи, по кои веќе се постапува. Таа потсети дека Законот пропишува санкција за сите институции кои нема да овластат лице за внатрешно пријавување на корупција, иако има и одредба согласно која доколку нема овластено лице, тогаш одговорно е првото лице на институцијата. Според неа, ДКСК има право да поведе прекршочни постапки за институциите каде што нема овластено лице или не се донесени внатрешните процедури за пријавување на корупција.
Пејовска Дојчиновска, меѓу другото, уште еднаш повтори дека граѓаните сериозно се загрижени за начинот на вработувањата во јавната и државна администрација. Проблем се, укажа таа, и законските пропусти, кои оставаат можност за корупција, непотизам и други форми за вработувања во институциите. Таа нагласи дека граѓаните имаат доверба да пријавуваат корупција, бидејќи за неполна година од формирањето на ДКСК од февруари годинава „има цунами од поднесени пријави“ од граѓани со сомнежи за корупција или судри на интереси.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, истакна дека најголемиот број претставки и најголемите можности за корупција ги има кај социјалната заштита, барањата за инвалидски пензии и посвојувањата.
„Малку зборуваме за корупцијата, во образовниот процес, недостигаат програми за ваков тип на едуцирање на населението“ нагласи Царовска. Таа додаде дека МТСП ќе воведе посебен модул, како дел од социо-националниот развој кај децата, за етичко постапување и програми соодветни за децата во предучилиштното образование да разберат зошто некои елементи што ги имаат како интеракција со семејството, се погрешни. Меѓу другото, таа информираше дека уписот во градинките е направен да биде по електронски пат, бидејќи тоа е „место за борба за место плус“ и може да се случи да има одредени моменти на корупција.
Според заменик министерот за здравство Арменд Арслани, во Министерството нема пријави за корупција, иако има конкретни поплаки за постапување, односно за работењето на лекарите. На прашањето дали тоа што нема пријави се должи на недовербата кај граѓаните или неинформираноста каде можат да пријават корупција, Арслани истакна дека не се пријавуваат корупција иако постои државен Здравствен и санитарен инспекторат и главно пријавите се однесуваат на лекување, на третман на пациентите во здравствените установи или незадоволство од страна на здравствените работници. Потенцираше дека на дежурниот телефон „мој термин“ досега не е добиена пријава за корупција.
Директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски истакна дека со дигитализацијата на царинските постапки превентивно се постапува во борбата против корупцијата, додавајќи дека зголемениот број пријави за корупција е заради тоа што се преземаат мерки за зголемување на свеста и совеста првенствено кај вработените. Тој информираше дека ако се споредат 2018 со 2017 година, за 39 отсто зголемен е бројот на пријави за корупција, додека во првото полугодие од 2019 година бројот на пријави на линијата за пријавување корупција 197 е зголемен за 31 отсто.
„Најчесто предмет на пријавување е оддолжувањето на царинските постапки за да се има влијание и да се добие некој вид надомест, дали во пари или услуга. Самата должина на постапката навестува дека некој сака од некого нешто да извлече“ рече Танасоски.
„Во некои истражувања, на 21 отсто од учесниците во царинската постапка им е добро да имаа корупција, односно за нив е прифатливо да остане коруптивното дејство бидејќи така ги завршуваат работите полесно и остваруваат корист“, нагласи Танасоски.
Помошникот министер за внатрешна контрола во МВР, Дејан Андонов информираше дека во Министерството постои лице овластено да прима пријави од граѓаните за внатрешно и надворешно укажување.
„Се уште постои тој ѕид на солидарноста меѓу вработените во МВР и затоа внатрешното укажување е на многу ниско ниво. Се уште не се охрабрени тоа да го пријават“, рече Андонов.
Тој информираше дека граѓаните најчесто пријавуваат непрофесионално постапување на полициските службеници, а најчесто се однесува на сообраќајната и на градежната полиција. Андонов нагласи дека во првите девет месеци од 2019 година имало 279 кривични дела за корупција, а пријавени се 454 сторители. Во 2017 година внатрешната контрола во МВР поднела 355 иницијативи за утврдување дисциплинска одговорност против вработени во МВР, во 2018 – 338, додека за 11 месеци во 2019 година тој број е 302 иницијативи.
Тематскиот форум се одржа во рамките на проектот „Граѓански организации и медиуми против корупцијата: Коалиција за нулта толеранција“ кој го спроведуваат Транспарентност Македонија и НВО Инфоцентарот, а финансиски поддржан од Европската Унија.