По најавите од Министерството за образование и изјавата на премиерот Груевски, за воведување државен испит за проверка на знаењата на студентите од втора и четврта година на факултетите низ Македонија, студентите најавија протест, кој треба да се одржи вечерва во 18 часот, во дворот на УКИМ.
„Слободен собир, дискусија и организирање на автентична студентска организација која ќе се бори против екстерното тестирање на студентите. Се работи за тебе, мене и сите студенти кои сме засегнати од екстерната небулоза.“ се вели во повикот за протест пред споменикот на Св. Кирил и Методиј кој се наоѓа пред Правниот, Економскиот и Филозофскиот факултет.
Премиерот Никола Груевски потврди дека ќе се воведе проверка на знаењето на студентите, зашто сега лесно добивале високи оценки, кои не соодветствувале на нивното знаење. Министерот за образование Абдулаќим Адеми веќе објасни дека оние студенти кои нема да го положат државниот испит во втора година, нема да можат да продолжат со студирањето, а на тој начин ќе заштеделе време и пари.
СТОП за уништувањето на образованието, за понижување и уништување на универзитетите и нивната автономија, пишува на страната и се повикува на масовност како што тоа го прават студентите во регионот.