Студентски пленум испраќа известување до сите декани на матичните факултети на УКИМ и бара итно преиспитување на мандатите на студентските претставници во наставно научните совети на факултетите, и утврдување на нелегитимност на претставниците на студентските парламенти на нивните факултети.
Писмото во целост е објавено на страницата Студентски пленум:
“Изборите за претседател на СПУКМ кои се одржаа на 30.06.2016 год. содржат сериозни повреди на процедурата и принципите кои се иманентни на демократскиот изборен процес и кои треба да бидат гарант за остварување на полниот легитимитет кој треба да произлезе од таквиот процес како вистински би се реализирало законски обезбеденото право на студентите за учество во управувањето во органите и телата на Универзитетот и факултетите. Тврдиме дека она што се случуваше на 30.06.2016 година не може да се нарече „ИЗБОРИ“ од следните причини:
1. ОРГАНИЗИРАЊЕ „ИЗБОРИ“ СПОРЕД НЕПОСТОЕЧКИ ПРАВИЛНИК Имено овие избори се спроведени врз основа на Правилник за избори кој Студентскиот парламент при УКИМ (СПУКМ) тврди дека го донел непосредно пред распишување на изборите и кој никаде и никому не е доставен на увид. Доколку воопшто постои, овој Правилник е донесен од Парламентот кој има спорен легитимитет бидејќи согласно чл. 350 од Статутот на УКИМ и чл. 17 од Статутот на СПУКМ, Студентскиот парламент при УКИМ го сочинуваат пратеници на Студентските парламенти на секоја високообразовна институција (матичните факултети). Согласно чл. 353 од Статутот на УКИМ и чл. 45 од Стаутот на СПУКМ членовите на Студентските парламенти при факултетите се избираат на непосредни, фер и демократски избори со мандат од 2 години. Согласно ваквата поставеност на одредбите потребно е да се стекнат со легитимитет на непосредни избори пратениците на Студентските парламенти на матичните факултети, кои воедно го сочинуваат и партиципираат во Парламентот при УКИМ, како неопходен услов за легитимитетот на Студентскиот Парламент при УКИМ. Согласно моменталните податоци кои се достапни преку Централниот регистар, освен на три факултет при УКИМ, на сите други се немаат распишано избори за пратеници на Студентските парламенти на факултетите во последните 3 години. Консеквентно на тоа Студентскиот парламент при УКИМ нема легитимитет за донесување или измена на интерните акти. Согласно тоа спорен е легалитетот на таквиот Правилник кој ја уредува целата постапка за распишување и спроведување на изборите и кој патем не е достапен за јавноста.
2. ДАТУМ НА ОДРЖУВАЊЕ ПО ЗАВРШЕТОК НА АКАДЕМСКА ГОДИНА Датумот на кој беа спроведени изборите претставува јасен индикатор во насока на злоупотребата на овој изборен процес, имајќи го предвид фактот дека изборите беа спроведени по завршетокот на официјалната академската година, кога огромен број студентите не се ниту во државата, а ниту во градот, а уште помалку на Универзитетот и објективно не се во можност да учествуваат во нив.
3. ИЗБОРНИ НЕРЕГУЛАРНОСТИ И НЕПОСТОЕЊЕ НА ИЗБОРЕН МАТЕРИЈАЛ Начинот на кој беа спроведени овие избори недвосмислено ја илустрира интенцијата на Студентскиот парламент за фалсификување на волјата на студентите и содржи нерегуларности кои претставуваат флагрантно прекршување на демократските принципи:
– НЕПОСТОЕЊЕ НА ИЗБИРАЧКИ СПИСОК Имено, гласањето за претседател на Студентскиот парламент беше спроведено без избирачки список, кој треба да овозможи увид во бројот на студенти кои можат да го ползуваат правото на глас, евиденција за тоа кој го искористил правото на глас и почитување на начелото „еден човек еден глас“ и критериум по кој би се проценила излезноста на тие избори.
– НЕПОСТОЕЊЕ НА ГЛАСАЧКИ ЛИВЧИЊА „Ливчињата“ преку кои студентите требаше да ја манифестираат сопствената волја, а кои беа издадени по повод „изборите“, не содржеа сериски број и печат од Студентскиот парламент. Не може да се знае бројот на отпечатените „ливчиња“, што во корелација со непостоењето на избирачки список, експлицитно укажува на можноста од фингирање на изборните резултати од страна на изборната комисија.
– НАРУШУВАЊЕ НА ТАЈНОСТА ПРИ ГЛАСАЊЕТО Непостоењето на паравани за гласање на дел од факултетите на кои се одвиваше гласањето го повредува начелото на тајност на изборите, што нẻ води кон констатацијата дека спроведувањето на овие избори не е со намера вистински да се избере претставник на студентите туку само начин за повторна узурпација и злоупотреба на функцијата претседател на Студентскиот парламент.
– УКРАДЕНИ ГЛАСАЧКИ КУТИИ ОД ИЗБИРАЧКИТЕ МЕСТА На крајот на изборниот ден кога гласачките места беа затворени, сомнителни лица кои се претставуваа како студенти насилно ги одземаа гласачките кутии од изборните места и спротивно на правилата за пребројување на гласовите во избирачките места ги однесоа кутиите во главните простории на студентскиот парламент за пребројување во затворен круг на луѓе и без сведоци..Никој не може да потврди дали се тоа истите гласачки кутии, ниту дали во меѓувреме не се „дополнети“ со ливчиња.
– ТАЈНО ПРЕБРОЈУВАЊЕ НА ГЛАСОВИТЕ Вратите на просториите на Студентскиот парламент беа затворени и за студентите и за новинарите и пребројувањето на гласовите се одвиваше во тајност и без сведоци. Оттаму, никој не може да гарантира за точноста на „резултатите“. Факултетите, како високообразовни единици во рамки на Универзитетот, согласно организационата и функционална поставеност се од круцијална важност за неговата егзистенција и начин на функционирање и како такви мораат да ја преиспитаат легалноста односно легитимноста на сопствените органи и тела која е спорна во делот на студентските претставници. Согласно хиерархиската поставеност на нормите кои ја уредуваат работата и функционирањето на органите и телата на универзитетот и органите на високообразовните единици и согласно принципот на интегриран Универзитет, Правилниците на високообразовните единици мораат да бидат во согласност со одредбите од Статутот на Универзитетот и не смеат да содржат одредби кои се во колизија со нив.
Ваквите принципи, респективно, имплицираат обврска за високообразовните единици на Универзитетот да внимаваат на статутарноста на сопственото работење. Согласно член 178 ст.2 и ст.3 од Статутот на Универзитетот “ Во наставно-научниот совет свои претставници избираат студентите. Претставниците на студентите се избираат од страна на Студентскиот парламент на факултетот. Мандатот на студентите е 2 години. Бројот на студентите неможе да биде помал од 10% од вкупниот број на членови на научно-наставниот совет” .
Имено во Главата “ Студенти “ од Статутот е уредено прашањето за учество на студентите во управувањето. Релевантен за претставувањето и учеството во управувањето на студентите на ниво на факултети е членот 353 од Статутот кој вели “ Членовите на Студентскиот парламент на факултетот се избираат на непосредни, фер и демократски избори од страна на студентите на факултетот со мандат од 2 години со право на уште еден последователен избор”. Консеквентно на ваквата поставеност на одредбите претставниците на студентите кои партиципираат во наставно-научните совети на факултетите се делегирани од Студентските парламенти при матичните факултети. Апропо информациите кои се достапни на јавноста преку Централниот регистар на Р. Македонија, заради неодржување избори на најголем број факултети на УКИМ, претставниците на студентите кои партиципирале во работата на наставно-научните совети во изминатите 3 години немале легална основа и легитимитет што, пак, ги доведува во прашање сите одлуки кои ги донеле таквите наставно-научно совети и повлекува одговорност за вонстатутарно работење на органите и телата на високообразовната единица.
Затоа апелираме скандалозните дејствија што се одржаа на 30.06.2016 година да не ги признаете како одржани Избори за претседател на СПУКМ, а уште помалку резултатите од таканаречените „избори“.
Упатуваме барање до сите наставно – научни совети, деканатски управи и декани на факултетите каде не се одржале избори за пратеници на Студентските парламенти при нивниот факултет согласно одредбите во Статутот на УКИМ, да ја констатираат таквата состојба и да не ги признаваат како легални и легитимни претставниците на студентите делегирани од нив.
Воедно, апелираме до сите професори, тела и органи на УКИМ и факултетите да заземат проактивен пристап кон решавање на прашањето за студентското организирање кое е од круцијална важност за реконстуирање на можноста за градење на идентитетот на слободоумен студент и ревоспоставување на нормалното функционирање на органите и телата, како на Универзитетот, така и на високообразовните единици.
#ПоздравПленумци“
извор: Слободна.мк