Студентите денеска (27 јуни) го блокираат влезот на Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и бараат да се одложи изборот на нов ректор затоа што, во изборот учествуваат нелегитимни претставници на Студентски пленум со изминат мандат.
Тие бараат верификациската комисија да не им ги верификува мандатите на претставниците на СПУКМ, бидејќи на тој начин ќе се изврши груб фалсификат при избор на нов ректор на УКИМ.
Ректорот Велимир Стојковски останува на ставот дека не може да интервенира во изборот на студентски претставници. Според него, студентите протестираат на погрешно место и до сега требало да ги средат забелешките со СПУКМ.Тој вели дека правно не е изводливо да се направи што било од тоа пред изборите за ректор, а интервенирање во работата на СПУКМ не е во негова надлежност бидејќи тие се автономно тело.
Студентите не сакаат само двајца претставници од нив да влезат на седница за избор на нов ректор и бараат темелно решавање на проблемот.
Професорскиот пленум ги поддржува студентите и бара од Ректорот да се направи комисија и да се смени статутот.