Ви го пренесуваме интегралниот текст на соопштението:
„Системскиот напад на граѓанското општество во целост, а особено на активистите за човекови права, новинарите, интелектуалците и уметниците е без преседан. Во последно време тие напади се заоструваат преку крајно вулгарните дисквалификации, лаги и манипулации кои имаат за цел да се дискредитира секој обид да се мисли и говори поинаку од власта.
Човековите права, стабилноста и мирот во Република Македонија се во загрижувачки лоша состојба. Тоа е констатација на сите релевантни организации и институции во светот и кај нас. Овие наоди за состојбите во земјава се поткрепени и со меѓународните индекси за одредување на степенот на демократијата, владеењето на правото и човековите права, слободата на говорот и медиумите, како и индексот за мир и стабилност, во кои Република Македонија редовно бележи стрмоглав пад. Граѓанските организации во земјата со години алармираат на загрозувањето на демократијата и човековите права, но тие остануваат невидливи за јавноста поради масивната контрола на медиумите од страна на власта.
Институциите се злоупотребени и целосно партизирани и работат исклучиво во интерес на партиите на власт. Границата меѓу институциите на државата и партиите на власт е избришана. Изборниот систем е целосно корумпиран и во спротивност со основните демократски принципи, правила и законитост.
Политичкиот дијалог е мртов со години, а нашата земја се вброи меѓу малкуте европски држави во кои се констатира постоење на политички затвореници и каде стравот да се проговори пред отворената закана од прогон и други видови притисоци од власта е силно присутен насекаде.
Полицијата е милитаризирана и излегува на улиците со оклопни возила на кои се монтирани митралези, во полна воена опрема и не се воздржува од употреба на сила и бруталност за да спречи или задуши мирни протести.
Национализмот и верската нетрпеливост што ги промовираат двете партии на власт преку злоупотреба и контрола на институциите, помалите партии и медиумите предизвикува поделби, тензии и насилство меѓу етничките и верските заедници во земјата.
Сето тоа го загрозува мирот, стабилноста и угледот на Република Македонија.
Без дијалог и слобода нема мир!
Во пресрет на неколку одбележувања на важни меѓународни датуми, како што се Меѓународниот ден на мирот, 21 септември, Меѓународниот ден на толеранцијата, 16 ноември и Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември, уште еднаш, јасно, гласно и недвосмислено, бараме од власта да престане со своите политики и практики од кои, на крајот, секогаш жртви се сите граѓанки и граѓани на Република Македонија.
Воедно, ја повикуваме власта да престане со специјалната војна против граѓанското општество и да им даде простор на слободната мисла и делување, како што е пропишано во Уставот и меѓународните документи на кои се обврзала Република Македонија.
Ги повикуваме сите граѓанки и граѓани на Република Македонија да дадат поддршка на мирот, толеранцијата и почитувањето на човековите права и слободи со тоа што ќе ни се придружат во напорите за враќање на демократијата во земјата.“
Организации кои ги поддржуваат иницијативите за мир, ненасилство, толеранција и човекови права:
Цивил – Центар за слобода| Хелсиншки комитет за човекови права на РМ | 8 Септември | Форум ЗФД | Младински образовен форум | Контрапункт | Метаморфозис | Фондација Отворено општество – Македонија | Центар за современа уметност – Скопје | ХЕРА | Прва Детска Амбасада Меѓаши | Субверзивен фронт | Национален младински совет | Излез | Центар за развој на медиуми | Акција Здруженска | Плоштад Слобода | Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ | Бори се женски | Реактор | Македонски центар за европско образование | НВО Инфо-центар | Фронт за слобода на изразувањето