Средношколскиот пленум соопшти дека продолжува бојкотот во средните училишта. Од денеска, отвора и нов, т.н. Средношколски Фронт, камп на средношколците во паркот спроти Министерството за образование и наука.
„Бидејќи ресорното министерство сеуште води игнорантен однос кон оние во чија полза работи и одбива да го слушне гласот на 13 000 граѓани кои маршираа минатиот четврток против лошите реформи кои им се налагаат на средношколците, Средношколскиот Пленум реши да отвори нов фронт на својата борба, пред Министерството за образование и наука, поточно во паркот на новинари“ стои во нивното соопштение.
Средношколскиот фронт е отворен за сите средношколци, каде ќе можат да да присуствуваат на организираните работилници, предавања, турнири и слично, и секако да ја преноќат ноќта заедно со дежурните претставници. Фронтот ќе има и различни забавни и едукативни катчиња: музичко, ликовно, дебатно, катче за подготовки за матура и разни други активности.
„Во паркот се добредојдени и сите граѓани кои сакаат да изразат поддршка или пак да се информираат за тоа што Средношколскиот Пленум сака да постигне. Најпотребни ни се донации како: вода, кафе, шекер, млеко, пластичен прибор, сокови, овошје, зеленчук, леб, сува и било каков вид на храна што не се расипува брзо бидејќи ограничени сме со услови “ нагласуваат од Средношколскиот пленум.