Во поголемиот дел од медиумите се зголемува критиката насочена кон Владата, а во прв ред, кон премиерот Груевски и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, како и кон Мендух Тачи и ДПА. Иако повеќето медиуми на македонски јазик често прават паралела или отворено ја поистоветуваат ДУИ со поранешната ОНА, и поради тоа ја оценуваат како „проблематична партија“, сепак, најголемиот дел од одговорноста за нејзините потези и поведение ја лоцираат кај Премиерот, зашто според нив, тој „не умее мудро да превенира можна криза“. Интензитетот на критиката спрема премиерот Груевски не се намалува, и покрај оцените дека Ахмети е политичкиот фактор „кој веќе ја губи поддршката и на клучните амбасадори во земјава, нешто што не му недостигало дури ни во периодот на конфликтот“.
Сепак, централна фигура врз која, во изминатиот период, беше насочена масовната медиумска критика е Мендух Тачи. Штетата од „несоодветното“ однесување на Тачи оди и на адресата на премиерот Груевски. Анализирајќи го поведението на Тачи, медиумите често реторички се прашуваат „дали е тоа заради „природата“ на Тачи или е резултат на внатрекоалициски договор за таков настап“.
Премиерот Груевски се соочува со остра новинарска критика и во смисла на (не)почитувањето на Рамковниот договор, а „случајот Красниќи“, според медиумите, претставува меѓупартиски договор кој има висока цена и дека „на Красниќи не му судел суд, туку меѓупартиска `работна група` од владината коалиција“.
Речиси сите медиуми забележуваат дека Владата и Претседателот на државата имаат проблеми со кохабитацијата, поради што, според нив, државата има проблеми во претставувањето на националните интереси во странство, а десетина македонски амбасади се уште се без амбасадори.
Критиката што еврокомесарот Оли Рен ја упати кон Владата, повеќето медиуми ја перципираат како потврда за нивните, веќе подолго време презентирани оцени дека ЕУ и евроинтеграцијата не и се приоритетна цел на оваа влада. Речиси сите медиуми (со мали исклучоци) се загрижени за евроатлантската иднина на Македонија. Загриженоста на медиумите расте паралелно со критиките од Брисел во врска со застојот на реформите и лошата политичка клима во земјава.
Ова се само дел од констатациите на најновиот извештај на „Медиумското огледало“, квалитативниот мониторинг на медиумите, на НВО Инфоцентарот, кој се однесува на периодот од 19 јануари до 4 март 2007 година.
Во набљудувањето се вклучени 12 медиуми: „Шпиц“, „Вечер“, „Време“,„Дневник“, „Утрински весник“, „Факти“, ТВ „А1“, ТВ „Канал 5“, „МТВ 1“, „МТВ 2“ (вести на албански јазик), ТВ „Сител“ и ТВ „Телма“.
Медиумско огледало, февруари 2007 – PDF верзија (381KB)