Македонија останува најлошо рангирана од сите земји во Европа и регионот на Западен Балкан, и покрај напредокот од седум места на листата на Светскиот индекс на слободата на печатот наРепортери без граници. Во најновиот извештај за 2015 година, Македонија е рангирана на 117 место од 180 држави, во споредба со 123-то место во 2014 година.
„Состојбата во која се наоѓаат медиумите во Македонија остана лоша и во 2014 година, година што беше одбележана со злоупотреба на законодавството за навреда и клевета и политички мотивираната распределба на државните реклами“, се вели во Индексот на слободата на печатот за 2015 година.
Извештајот го наведува и случајот на Томислав Кежаровски кој беше осуден, како што вели извештајот, за „наводно откривање на идентитетот на заштитен сведок“ и намалувањето на казната од 4 и пол на 2 години од страна на Апелацискиот суд.
Фактот што, и покрај напредокот од шест места, оценката за Македонија е полоша за 0.17 индексни поени во споредба со 2014 година, извештајот го поткрепува со наведување на проблемите во известувањето со кои се соочуваат новинарите, односно случајот кога припадници на полицијата принудија неколку репортери да ги избришат фотографиите и снимките направени за време на протестот што за кој известувале.
Од останатите земји во регионот на Западен Балкан, Хрватска е рангирана на 58-то место, што е напредок од шест места во однос на Индексот за 2014 година, а по неа следат Босна и Херцеговина на 66-то место и Србија на 67-место. Србија бележи и најголем пад од 13 места во споредба со 2014 година.
Албанија е рангирана на 82-то место (напредок од три позиции), Косово е на 87-то место (пад за седум места), а Црна Гора, како и минатата година, е рангирана на 114-то место на листата на Индексот на слобода на печатот за 2015 година.
Индексот за 2015 година наведува дека пад на слободата на информирањето во 2014 година е глобален феномен, и дека медиумските слободи се повлекуваат на сите пет континенти како резултат на воените конфликти, растечката закана што ја претставуваат не-државни актери, насилните протести и економската криза.
Индикаторите собрани од Репортери покажуваат драстичен пад на слободата на информирањето, при што две третини од 180-те држави опфатени на листата прикажале влошување на состојбите.
Извештајот, меѓу другото, го наведува и загрижувачкиот пад на слободата на информирањето во земјите на Европската Унија, иако Европа е далеку напред пред сите останати региони во светот на полето на слободата на информирањето и медиумите. Според извештајот, падот ги разоткрива ги границите на нејзините „демократски модел“ и неспособноста на нејзините институции да ја запрат ерозијата.
„Изгледа дека ЕУ е преплавена од желбата на некои земји членки да прават компромиси со слободата на информирањето. Како резултат, разликите помеѓу индивидуалните членки се зголемуваат – државите од ЕУ се рангирани од 1-то до 106-то место, нешто што претходно никогаш не е забележано“, вели Индексот за 2015 година. (Повеќе за состојбите во ЕУ прочитајте во анализата „Ерозија на европскиот модел“).
На глобалната листа повторно водат трите скандинавски држави – Финска, Норвешка и Данска, а на спротивниот крај, со најлоши оценки, се наоѓаат Туркменистан, Северна Кореја и Еритреја.
Извор: Центар за развој на медиуми
Автор: Дејан Георгиевски