Целиот Извештај за слободата на медиумите во 2014 година, кој традиционално излегува во неделата пред 3 Мај – Меѓународниот ден на слобода на медиумите, можете да го прочитате на интернет страната на Фридом хаус.
Новинарите од регионов го одбележаа Денот на слободата на медиумите, пред сѐ, преку традиционалната симболична акција „Пет минути громогласна тишина“. Новинарските здруженија и синдикати од Загреб, Белград и Подгорица ги повикаат новинарите да прекинат со работата на пет минути, од 11:55 до 12:00 часот, за да предупредат на се полошата состојба во која се наоѓаат новинарите и медиумите, со што директно се загрозува слободата на медиумите и правото на јавноста на квалитетно информирање.
Одзивот беше различен. Во Хрватска, соопштението на Синдикатот на новинарите беше читано во редакциите, а неколку медиуми го прочитаа и во етер и го објавија. Во Србија, од друга страна, од поголемите национални медиуми, само РТВ Б92 ја прекина програмата на пет минути.
Во Македонија, три организации – Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ), Центарот за развој на медиуми (ЦРМ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ), со кратка изјава за медиумите, предупредија на состојбата во која се наоѓаат македонските медиуми. Два дена претходно, на Меѓународниот ден на трудот, ЦРМ, ССНМ и МИМ се вклучија во првомајските протести во Скопје.
„Тешко е да се говори за слобода на медиумите во земја во која владее цензурата и самоцензурата, каде што говорот на омраза не само што поминува неказнето, туку и се стимулира, каде што политичките и економските центри на моќ ги диктираат уредувачките политики, каде што постои нетранспарентност врз сопственичките структури на медиумите, каде што владеачката политичка елита е неселективно заштитена од критичкиот збор“, се вели во изјавата на Самостојниот синдикат на новинари.
Здружението на новинари БХ Новинари и Фондацијата Фридрих Еберт, по повод Денот на слободата на медумите, ги претставија резултатите од истражувањето на јавното мислење кое имаше за цел да ја утврди перцепцијата на граѓаните за медиумските слободи во БиХ, квалитетот на новинарството и довербата што граѓаните ја имаат во босанско-херцеговските медиуми. Истражувањето „Новинарството, јавното мислење и медиумските слободи во БиХ“ покажа дека граѓаните и понатаму најголема доверба имаат во медиумите.
„Повеќе од 80 отсто од анкетираните граѓани највеќе доверба имаат во медиумите, а следат верските заедници и невладиниот сектор“, нагласи Борка Рудиќ, генералната секретарка на здружението „БХ Новинари“ и додава дека испитаниците најмала доверба (22 отсто) имаат во политичарите.
По повод 3 мај, Светскиот ден на слободата на медиумите, косовскиот магазин KOSOVO 2.0 ги повика своите читатели да пишуваат блогови за онлајн изданието на магазинот на тема „Зошто на Косово му се потребни слободни медиуми“. Блоговите можете да ги прочитате на интернет страната на магазинот KOSOVO 2.0.
Светскиот ден на слободата на медиумите се одбележува од 1993 година, со цел да се подигне јавната свест за значењето на слободата на медиумите и да се потсетат владите на нивната обврска да го ја почитуваат и поддржуваат слободата на говорот. Денот на слободата на медиумите ја одбележува Декларацијата од Виндхук од 1991 година, документ со принципите на слободата на печатот на новинари од африкански дневни весници.
извор: OWPSEE, Дејан Георгиевски