Тужбата за навреда и клевета, на градоначалникот на општина Битола, Владимир Талевски против новинарката Анета Блажевска, Основниот суд во Скопје ја отфрли како неоснована и таа стана правосилна откако тужителот не поднесе жалба.
Талевски ја тужеше Блажевска за текстот „Колку е богат Владимир Талески“, објавен во „Утрински весник“, во ноември 2013 година. Непосредно по доставување на тужбата, на Блажевска ѝ беше прекинат хонорарниот работен ангажман во весникот.
Судот, повикувајќи се на одредбите од Европската конвенција за човекови прави и слободи и земајќи ја предвид практиката на Европскиот суд за човекови права, на битолскиот градоначалник му препорачува како носител на јавна функција да биде подготвен да трпи поголема толеранција во критиките.
Во пресудата се вели: „…Тоа што тужителот смета дека тужените новинари тенденциозно известувале за одредени настани поврзани со неговото работење е негово субјективно мислење и судот може да разбере дека навистина таквите написи тој ги чувствува како личен атак врз него и неговата личност, но тоа не значи дека има одговорност за навреда и за клевета кај тужените, туку, напротив, како носител на висока јавна функција, тужителот е изложен на увид на јавноста, како и неговото работење…“. Судот, исто така, заклучил дека новинарката известувала за прашања од јавен интерес поврзани со работата на локалната самоуправа и дека не постои одговорност ниту за навреда, ниту за клевета.
Ваквата пресуда претставува една од ретките пресуди во кои судот не ги штити честа и угледот на функционерите и политичарите од власта и во која нагласува дека тие треба да имаат поголем праг на толеранција во однос на јавно изречените критики.
Центарот за развој на медиуми, кој ѝ обезбеди бесплатна правна помош на новинарката Блажевска и кој постојано ги следи судските постапки за навреда и клевета, констатира дека честите тужби против новинарите и двојните аршини во постапувањето на судиите сериозно ја загрозуваат слободата на изразување во Македонија, ги засилуваат стравот и самоцензурата и имаат оладувачки ефект врз истражувачкото новинарство.
Оваа констатација ја потврдува и тоа што новинарката Блажевска, покрај тоа што беше тужена од Талевски, таа остана и без својот хонорарен дописнички ангажман во „Утрински весник“ непосредно по доставувањето на тужбата.
На притисоците и стравовите со кои се соочени новинарите посочува и анализата на НВО Инфоцентарот и Центарот за развој на медиуми, посветена на слободата на изразување во која меѓу другото, новинарите истакнуваат дека се постојана мета на притисоци од страна на власта, и локална и национална, но и од страна на сопствениците на медиумите за кои работат, како и дека нивната економска и социјална положба станува со потешка и се полоша. Во исто време, голем дел од новинарите на локално ниво не се чувствуваат заштитени од страна на своите уредници и сопственици на медиуми. Кај нив е присутен голем страв дека доколку се случи тужба од страна на некој функционер, медиумот ќе им ја раскине соработката и ќе ги остави сами да се борат во судовите и сами да си ги плаќаат судските трошоци и надоместоци.