Стотици граѓани и претставници на голем број граѓански организации и иницијативи, на 20 декември 2015, пред седиштето на Град Скопје, протестираа и бараа чист воздух. За граѓаните алармантно е и недозволиво тоа што надлежните институции ги игнорираат апелите и барањата за итно преземање краткорочни и долгорочни мерки против загадувањето.
Активистите истакнаа дека чистиот воздух е човеково право и дека тоа не треба да биде загрозено заради нечии партиски и дневни политики, а најавија и дека протестите ќе продолжат како во Скопје, така и во другите градови низ Македонија во кои воздухот е загаден – Тетово, Кавадарци, Битола, Кичево.
На протестите имаше голем број интересни и оригинални транспаренти и пораки кои ја одразуваат алармантноста на ситуацијата и барањата на граѓаните: „Сакам Дедо Мраз да ми донесе воздух“, „Мислам значи дишам“, „Стоп смог сега“ и др.
Фото: Ванчо Џамбаски