apostol-simovski

Симовски, ДЗС: Вакцинирани попишувачи и граѓани – важен услов за безбеден попис

на јул 31, 21 • од

Со директорот на ДЗС, Апостол Симовски разговаравме за подготовките поврзани со пописот и за претстојната кампања...
Pin It

Home » Активности » Симовски, ДЗС: Вакцинирани попишувачи и граѓани – важен услов за безбеден попис

На 5 септември 2021 треба да започне Пописот на населението, становите и домаќинствата во Република Северна Македонија. Државниот завод за статистика (ДЗС) ги интензивира подготовките за оваа исклучително важна статистичка операција, а на 20 јули го објави и конкурсот за попишувачи кој е отворен до 5 август.

Со директорот на ДЗС, Апостол Симовски разговаравме за подготовките поврзани со пописот и за претстојната кампања; за важноста на имунизацијата против Ковид-19, и на населението и на попишувачите; за безбедносните протоколи; за тоа зошто во моментов не е возоможен електронски попис базиран на регистри, како и за тоа колку ги чинеше граѓаните одложувањето на пописот во април годинава

apostol-simovski

  Како течат подготовките за претстојниот попис на населението и домаќинствата?

Државниот завод за статистика речиси и не престана со  подготовките за претстојниот попис по неговото одложување за септември. Сега активностите се интензивираат особено по објавувањето на конкурсот за реонски попишувачи и инструктори. Апликацијата за попишувањето се тестира секојдневно, се распределуваат сите материјали што треба да се доставуваат до комисиите на пописните реони, како и заштитните и дезинфекциските средства за сите учесници во пописот. Во тек е конкурсот за попишувачи, кој е отворен до 5 август.

 

Како се одвива пријавувањето и кои се главните услови што треба да ги исполнува еден кандидат?

Пријавувањето на кандидатите се одвива со рамномерно темпо, во некои општини повеќе, во некои помалку, што претпоставуваме дека се должи главно на летните одмори. Апликацијата за пријавување функционира без проблеми и таа е достапна и преку мобилни уреди, така што и оние кои се на одмор и немаат компјутер со себе, можат да се пријават и преку мобилниот телефон. Условите што кандидатите треба да ги исполнат се да се полнолетни државјани на Република Северна Македонија, да се невработени, да имаат завршено најмалку средно образование и да имаат компјутерски вештини.

Колкав процент од веќе пријавените канидидати за попишувачи се делумно или целосно вакцинирани против Ковид-19, како и дали постои подготвеност за вакцинирање кај оние кои се уште не се имунизирале?

Вакцинацијата не е услов за пријавување и избор на кандидатите за попишувачи и инструктори. Ние ги вклучивме двете прашања – „Дали сте вакцинирани?“ и „Дали би сакале да бидете вакцинирани доколку сте избрани?“ – само за да имаме претстава за имунизацијата на кандидатите и да им овозможиме вакцинација на оние кои ќе изразат желба. Приближно половина од пријавените кандидати се веќе вакцинирани, а од невакцинираните, исто така, половината изјавуваат желба да се вакцинираат доколку бидат избрани.

Дали вакцинираните попишувачи ќе влијаат позитивно врз граѓаните, без страв и отпор да се попишат?

Секако. Секој би се чувствувал побезбедно кога ќе знае дека оној што им влегува дома е вакциниран. Но многу е важно и целокупното население да е имунизирано, за и овие 6.000 учесници во теренските активности да се чувствуваат безбедно кога ќе влегуваат во домовите.

Кога ги очекувате новите анти-ковид протоколи за попишување од Комисијата за заштита од заразни болести?

Ние се подготвуваме според мерките што важат во моментов, а тековно ги следиме препораките и ќе се прилагодуваме според моменталната состојба. Очекуваме дека во втората половина на август ќе биде донесен нов протокол за спроведување на попис во време на пандемија кој ќе биде одраз на состојбата во државата во тој период. Заводот набави доволно заштитна опрема (КН95 маски и дезинфекциски средства) што ќе им биде дадена на сите учесници во пописот.

Веќе неколку месеци трае самопопишувањето на дијаспората. Досега се самопопишале над 190 илјади граѓани. Дали планирате дополнителна кампања за поттикнување на овој процес кај нашите иселеници?

Факт е дека по одложувањето на Пописот овој процес на самопопишување се успори. Тоа, можеби, се должи на намалувањето на интензитет на кампањата кон дијаспората која се одвиваше преку социјалните медиуми, но претпоставуваме дека се должи и на летниот период. Сигурни сме дека со интензивирањето на пописните активности и со стартот на официјалната кампања, самопопишувањето ќе се интензивира.

Во соработка со Агенцијата за иселеништво беше организирана онлајн работилница на која зедоа учество голем број иселеници од земјите во Европа кои покажаа интерес да бидат своевидни емисари на пораките за пописот и процесот на самопопишување. Во следниов период вакви работилници ќе се организираат и со нашите иселеници во прекуокеанските земји.

Кога ќе започне кампања за пописот во државава и како ќе се одвива?

Кампањата на социјалните медиуми воопшто и не запре, а целокупната официјална кампања ќе стартува на 15 август со ТВ и радиоспотови, интернет-рекламирање, интензивна промоција на социјалните медиуми и многу други промотивни алатки.

Дали очекувате кампања за бојкот на пописот?

Овој пат не гледаме причина за ваква кампања. Одложувањето и новиот датум на пописот беа договорени со согласност и од позицијата и од опозицијата, така што сметаме дека нема никаква основа за повикување на бојкот.

Дали податоците што досега ги добивите укажуваат на обиди за изамама на системот? Доколку имало обиди, како постапивте?

Сигурно мислите на податоците од самопопишувањето бидејќи други податоци нема (освен оние од претпопишувањето во затворите, АРМ, бездомниците и дипломатско-конзуларните претставништа). Постоеја неколку обиди за самопопишување на иселеници со матични броеви на починати лица, но системот ги детектира овие матични броеви и јавува за нивната невалидност, така што тие автоматски се отстрануваат од базата на внесени податоци. На ваквите обиди реагиравме со соопштенија во кои ја објаснувавме постапката и сите вградени контроли во системот кои оневозможуваат каква било измама.

Дали направивте пресметка за тоа колку точно чинеше одложувањето на пописот?

Одложувањето на Пописот чинеше приближно 750.000 евра.

Зошто се уште не е можно пописот на населението во државава де се одвива електронски односно да биде базиран на регистри?

Ова не е можно во моментов бидејќи секое лице – единица на попис треба да се поврзе со објектот каде што живее, односно престојува. Во државата не постои адресен регистар и се надеваме дека по овој попис, Агенцијата за катастар ќе може да го изработи регистарот кој многу ќе ја олесни работата.

Втората причина е што голем дел од населението има една адреса на живеење во личните документи, а живее на друга адреса и тоа го отежнува, односно го оневозможува процесот на автоматско преземање на адресните податоци од регистрите.

И трета причина е што не ги знаеме лицата, македонски државјани, кои живеат/ престојуваат во странство подолго од една година. По спроведувањето на овој попис со комбинираниот метод, во план ни е да формираме статистички регистар на население, со што ќе бидат создадени услови следниот попис во државата да се спроведе целосно од регистри.

 

Прилогот е подготвен со поддршка на Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ). Содржината е одговорност на НВО Инфоцентарот и таа не ги одразува секогаш ставовите на ФООМ.

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top