Порталот НоваТВ најавува дека случајот со средношколката Илина Димовска од Велес чие поведение беше намалено поради критички статус на Фејсбук за гимназијата во која учи, “Кочо Рацин”, ќе стане предмет и на правните институции.
Во продолжение следи текстот објавен на НоваТВ под наслов:„Семејството на Илина ќе ја обжали одлуката за намалено поведение за ФБ статус“.
„Случајот со средношколката Илина Димовска од Велес чие поведение беше намалено поради критички статус на Фејсбук за гимназијата во која учи, “Кочо Рацин”, ќе стане предмет и на правните институции, најавува семејство Димовски шокирани од одлуката да се казни нивното дете поради критичка објава на социјалните мрежи.
Средношколката Илина, револтирана од тоа што неколку ученици биле избркани од приредбата на гимназијата „Кочо Рацин“ за патронатот во ноември, решила случката да ја објави на социјалните мрежи. За тоа подоцна била прекорувана од директорот на гимназијата и ѝ било најавено дека ќе следува казна, по што самоиницијативно реагирале и родителите. -Откако директорот ја повикал Илина на разговор, таа побара и ние како родители да одиме на разговори во училиштето. На наша иницијатива заминавме, директорот потврди дека случката опишана од Фејсбук статусот е точна, меѓутоа неколкупати повтори дека Илина мора да биде казнета. На средбата не се направи записник, а подоцна класниот раководител бил принуден да го состави записникот, наместо да биде направен на лице место, вели за НОВА Биљана Димовска, мајката на Илина.
Таа додава дека постои процедура во казнување на ученик. -Наставничкиот совет е должен да донесе одлука, па да имаме право на приговор, па потоа да се донесе финална одлука, а не да се прескокнат сите процедури и да и се намали поведението директно на незадоволително. Се работи за солиден ученик, дебатер и за нас ваква драстична мерка е неприфатлива. Ќе покренеме постапка и за психичко малтретирање, бидејќи јас како родител нема да ја простам траумата што му е нанесена на детето, вели Димовска, која е правник по професија.
И самата ученичка која не отстапува од напишаното и смета дека упатила аргументирана критика. Илина објаснува дека директорот ја повикал на разговор и ѝ сугерирал дека не е морално да пишува против училиштето на Фејсбук. -Бев инспирирана да ја напишам критиката за моето училиште, заради тоа што бркаа ученици од приредба само заради тоа што не носеа училишни униформи. Директорот ми кажа дека не било морално јас како дел од образовна институција да пишувам против неа, но тоа нема да ме спречи да продолжам да пишувам за она што сум сведок дека е неправилно. Во таа паника го избришав статусот, но најмногу ме повреди тоа што одредени професори статусот го дискутирале на час, ги терале учениците да кренат рака кој го лајкнал статусот и потоа биле прекорувани зошто ме поддржале. Не постои основ да ми намалат поведение, а ова дополнително ќе ме мотивира да продолжам и понатаму, вели Илина Димовска за НОВА.
Статусот на Илина е избришан од нејзиниот профил, но директорот на Гимназијата за НОВА тврди дека содржел многу навреди кон наставниот кадар. – Тој Фејсбук статус упатува навреди кон наставниот кадар. Ние учениците ги учиме на позитивни вредности, не може вака. Нека ја обжалат одлуката, тоа е нивно право. Во однос на тоа што не се изготви саписник за време на средбата со нејзините родители, тврдам дека записникот не можеше да се испечати поради технички проблеми, но родителите ветија дека ќе потпишат. Одлуката за намалено поведение е едногласна и од Наставниот совет и ние немаме намера да ја повлечеме, вели директорот на гимназијата „Кочо Рацин“ , Сашко Андреевски, за НОВА.
Фотографија: НоваТВ
Правни експерти за НОВА велат дека објава на социјалните мрежи воопшто не може да се третира како прекршок, затоа што не може да се утврди автентичноста, освен ако корисникот ја потврдил автентичноста на профилот согласно правилата и стандардите на Фејсбук. За случајот семејството Димовски вели дека ќе бара помош и од Хелсиншкиот комитет за човекови права.“