Народниот правобранител и медиумите
НВО Инфоцентарот, во соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права, во рамки на проектот „Граѓански мониторинг на Народниот правобранител“, поддржан од Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД), во периодот од 1 ноември до 15 декември 2016 година, го набљудуваше известувањето на медиумите за работата на Народниот правобранител (НП).
Во овој период на мониторинг беа набљудувани 12 медиуми: телевизиите 24 Вести, Телма, Сител и МРТ1 (нивните централни информативни емисии и интернет страници), дневните весници Утрински весник, Слободен печат, Дневник и Вечер (нивните интернет-страници/електронски изданија), како и порталите А1.он, Плусинфо, Република и Курир.
Во текот на реализацијата на проектот ќе бидат мониторирани и други медиуми, вклучително и медиумите на албански јазик и информативните агенции.
Иако во периодот на набљудување, Народниот правобранител беше активен особено во контекст на изборите, правата на децата и на бегалците, дел од медиумите објавија многу малку информации за неговите активности. Особено селективни беа провладините медиуми. Тие не објавуваа информации кои имаа критичка содржина за состојбите со човековите права и за односот на државните институции спрема граѓаните и нивните права и слободи.
Известувањето на медиумите за работата на Народниот правобранител е неутрално и информативно. Новинарите ги пренесуваат информациите, изјавите и соопштенијата од претставниците на НП, без каков било дополнителен новинарски ангажман.
Најмал број прилози беа објавени во централните информативни емисии на телевизиите – само 15 отсто од вкупниот број анализирани материјали. Високи 13 отсто отпаѓаат на телевизиите 24 Вести и Телма. МРТ1 објави само 2 отсто од вкупниот број прилози.
На интернет страниците на телевизиите, пак, состојбата е подобра односно беа објавени 21,7% отсто од вкупниот број прилози. Интересно е да се напомене дека кај Сител и МРТ беа објавени повеќе информации за Народниот правобранител на интернет страниците отколку во централните вести. Сител, на пример, не објави ниту еден прилог во вестите, а на неговата интернет страница објави дури 10 отсто од вкупниот број прилози посветени на Народниот правобранител. Ваквиот тренд на објавување повеќе информации на интернет страниците отколку во централните вести на телевизиите загрижува, затоа што, нивната примарна и најбројна публика сепак е онаа пред малите екрани.
Во овој период на мониторинг порталите објавија 35 отсто од вкупниот број прилози посветени на работата на НП. Високи 31,6 отсто отпаѓаат на А1.он и Плусинфо.
Што се однесува до весниците тие објавија 28,3 отсто од вкупниот број прилози посветени на Народниот правобранител. Најмногу информации беа објавени во Утрински весник – 11,7 отсто, а потоа следеа Слободен печат, Вечер и на крајот, Дневник.
Од аспект на видот на медиумите, видливо е дека за Народниот правобранител најмалку известуваат телевизиите во нивните централни информативни емисии, а најмногу информираат порталите.
Исто така, анализата на објавените материјали покажува дека провладините медиуми многу малку се заинтересирани да известуваат за Народниот правобранител, како и јавниот радиодифузен сервис. Оттаму, видливоста на работата на Народниот правобранител и неговото влијание во јавноста несомнено ги обезбедуваат критичките медиуми.
Интегралнен текст од извештајот : Народниот правобранител во медиумите – Извештај бр. 1