Откако локалната власт на општина Аеродром најави измени на Деталниот урбанистички план (ДУП) со кои се планира изградба на десетици висококатници и уништување на голем број зелени површини, жителите на ова општина масовно се мобилизираа и започнаа серија граѓански активности за спречување на плановите на локалната власт.
Граѓаните се организираа во неформална иницијатива „Сакаме Аеродром да дише“ и будно ги следаат и реагираат на сите активности на Градоначалникот и на општинската администрација која исклучително дрско се однесува кон жителите кои се незадоволни од планираните промени на ДУП-от.
Под притисок на граѓаните, општината времено го повлече ДУП-от од јавна расправа.
Во меѓувреме, граѓаните упатија и ново соопштение за јавноста во кое се вели:
„Ние, граѓаните на општина Аеродром, здружени околу граѓанската иницијатива “Сакаме Аеродром да дише“ ја известуваме јавноста и надлежните дека и покрај повлекувањето на новиот ДУП на „доработка“, ќе продолжиме будно да ја следиме ситуацијата.
Воедно, цврсто стоиме на своите барања, односно:
Бараме да присуствуваме, како граѓани, на седниците на Советот на кои ќе се изработува и ревидира новиот ДУП.
Бараме да бидеме да бидеме вклучени и консултурани при носењето на сите точки од Деталниот урбанистички план.
Бараме градежен мораториум – да се заврши изградбата на веќе започнатите објекти и целосно да се стопира изградбата на нови.
Бараме да се направи прецизна анализа и статистика за тоа колку деца на претшколска и школска возраст треба да бидат згрижени во соодветните локални образовни институции.
Според добиените резултати, да се зголеми капацитетот на постоечките и да се изградат нови градинки и основни училишта. Факт е дека Аеродром е најзагадената општина во Скопје. Ова загадување, во најголем дел, се должи на градежната експанзија. Но, властите ја игнорираат реалноста и дополнително ја влошуваат алармантната ситуација преку непланското градење. Наместо зачувување на веќе постоечките зелени површини и создавање на нови, локалната самоуправа го одобрува нивното уништување со градежната експанзија.
Дополнително, преку планираните градби по должината на кејот на Вардар, уште повеќе го спречува струењето на воздух. Исто така, нашата населба се соочува со постојан недостаток на претшколски и школски капацитети. На нашите деца не им треба уште една зграда или црква, туку им требаат места во градинките и доволен број на школски клупи. Ние граѓаните имаме потреба од зелени паркови, а не бетон и фонтани.
На надлежните во општината им порачуваме дека ќе продолжиме да ги браниме нашите, граѓански, интереси и одлучно ќе делуваме за да се исполнат нашите барања. Нема да дозволиме да бидеме жртва на бизнис интересите, ниту мета на дневно-политички пресметки.
Нашата цел е во интерес на поквалитетен живот за сите жители на Аеродром. Од друга страна,новиот ДУП оди против интересите на граѓаните и не придонесува за подобар живот во општината.
Поради тоа, цврсто ќе се противиме на неговото усвојување, внимателно ќе ги набљудуваме промените во истиот и ќе бараме да бидеме вклучени во целиот процес. Во спротивно, ќе ги употребиме сите демократски средства за да го изразиме својот став и револт.
Затоа што ние, граѓаните, сакаме Аеродром да дише!“