Почитуван Ректоре,
На четврти и шести јули оваа година група од шеснаесет сенатори, со своите потписи, ја поддржаа иницијативата за свикување вонредна седница на Универзитетскиот сенат, во врска со случувањата околу скандалозните избори за претседател на СПУКМ. Кон оваа иницијатива се придружија и двајца сенатори кои, заради отсуство, не беа во можност да го потпишат барањето за вонредна седница.
Статутот на УКИМ утврдува дека седница на Универзитетскиот сенат се свикува на барање на една петтина членови на Сенатот. Бројот на сенатори кои побараа вонредна седница го надминува потребниот минимум. Одредбата во член 111 на Статутот на УКИМ е императивна, што значи дека по барање на една петтина членови, Вие сте ОБВРЗАН да свикате седница на Сенатот.
Фактот дека и по повеќе од десет дена од доставеното барање седница на Сенатот не е закажана, а иницијаторите не се известени за евентуалното закажување на седницата, укажува на Вашата лична проценка дека седница на Сенатот не е потребна. Со чинот на несвикување на Сенатот Вие најгрубо го прекршивте Статутот на УКИМ, што како ректор сте должен да го применувате и штитите.
Седницата на Ректорската управа и соопштението кое произлезе од неа, а кое беше доставено до сите сенатори, на никаков начин не може да го супституира изјаснувањето на највисокиот орган на Универзитетот по однос на горливите прашања околу можните злоупотреби на автентичното студентско претставување во органите и телата на Универзитетот и неговите единици, како и по прашањето за евентуалните последиците по нивната работата.
Оттаму, со чинот на несвикување на Сенатот, Вие им го одземавте правото на сенаторите да го искажат својот став, а на Сенатот да се произнесе во врска со ова прашање. Такво право Вие НЕМАТЕ!
Статутот на УКИМ предвидува дека во Ваше евентуално отсуство, седницата на Сенатот може да ја свика проректорот за настава или друго лице овластено од Вас. Ниту еден од наведените не се огласи со писмо до сенаторите. Затоа, сметаме дека можното свикување на седница на Сенатот по годишните одмори е бесмислен обид да се задоволи празната форма.
Овој пат, колку што ни е познато, за разлика од еден претходен случај, никој од сенаторите не се премисли и не го повлече својот потпис од барањето за свикување вонредна седница на Сенатот.
Затоа Ректоре, мораме да констатираме дека Вие го прекршивте Статутот на УКИМ, со сите последици што таквата постапка ги повлекува.
Сенатори:
Проф. д-р Влатко П. Коробар
Проф. м-р Маја Стевановиќ
Проф. д-р Емилија Симоска
Проф. д-р Гордана Бужаровска
Проф. д-р Маја Бојаџиевска
Д-р Лидија Стојановиќ – Лафазановска
Проф. д-р Елизабета Касапова
Проф. д-р Емилија Фиданчевска