Во рамки на регионалниот проект “Мониторинг на јавните собири во Западен Балкан”, под лидерство на ECNL (European Center for Not-for-Profit Law ), беше спроведено истражување со цел е да се подигне степенот на сознанијата за практикување на правото на мирен јавен собир. Применувајќи идентична методологија, истражувањето е спроведено паралелно во пет земји од Западен Балкан. Реактор ја изработи студијата која се однесува на Македонија.
Според истражувањето, забележан е растечки тренд на граѓанското учество на протести и тоа, од 13% во 2014 на 21% во 2015, со предвидувања дека овој тренд може да се задржи и понатаму.
Конкретната домашна легислатива која ја обезбедува правната рамка за практикување на правото на јавен собир беше ефектуирана во 1995 и понатамошно модифицирана неколку пати во текот на годините. Генералната проценка посочува дека иако е таа јасно структуирана, проблемот не е во легислативната рамка, туку во имплементирањето на законот во пракса.
Сумарните препораки за овозможување на непречено право на мирен јавен собир се фокусираат на департизација на јавните установи и зајакнување на нивните капацитети. Потребно е интензивно да се работи на превземање акции за развивање на вештини, способности и сензибилизација за делување при јавни собири. Препораките, исто така, посочуваат на потребата од дополнително прилагодување на домашната легислатива на меѓународните стандарди.
Според OSCE/ODIHR и Венецијанската Комисија, државата има обврска да овозможи мирно здружување и јавни собири, без притоа учесниците да се плашат за својата лична безбедност. До овој момент не може да се каже дека Македонија ја исполнила таа задача/одговорност/обврска.
Целосната студија за право на јавен собир во Македонија и препораките за подобрување на моменталната состојба е достапна на англиски јазик, а македонската верзија ќе биде објавена наскоро.