НВО Инфоцентарот изразува голема загриженост и згрозување од вчерашниот физички напад врз активистот Славчо Димитров, од страна на непознато лице маскирано со качулка.
Сведоци сме дека во Македонија, во само неколку денови, се случија серија закани и напади врз граѓански активисти и новинари. Речиси секојдневно активистите и новинарите добиваат вербални, но и физички закани за својот живот.
Овој чин на насилство врз Димитров претставува уште еден акт врз слободата на изразување во државава и недвосмислено го засилува чувството на несигурност и небезбедност на луѓето кои се критичари на политиките на актуелната власт.
Затоа, НВО Инфоцентарот упатува повик до надлежните институции и до власта, итно да ги преземат сите мерки за откривање на сторителите на овие напади и да го спречат подгревањето на атмосферата на линч врз граѓаните.
Прилогот е објавен во рамките на проектот „Застапување за слобода на изразување“, поддржан преку Проектот на УСАИД за Граѓанско општество, имплементиран од страна на Фондација Отворено општество – Македонија. Содржината на објавата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите и позициите на Агенцијата на Соединетите Американски Држави за меѓународен развој (УСАИД) или на Владата на САД.