На 7 јули 2021 година, во Струга, се одржаа две работилници за зајакнување и зголемување на ефикасноста на локалните инспекциски служби од општините во Југозападниот регион.
Теми на работилниците беа зајакнување на соработката меѓу Инспекцискиот совет и локалните инспектори – Законoт за инспекциски надзор и општините и како до ефикасна инспекциска служба на локално ниво. Предавачи беа експертите од Инспекциски совет на РСМ, Методија Димовски и Благоја Гешоски, како и Горан Трајчевски, раководител на секторот Инспекторат на Град Скопје.
Локалните инспектори од општините Струга, Охрид, Македонски Брод, Дебар, Жупа ги споделија со претставниците на Инспекцискиот совет и Градот Скопје, предизвиците и проблемите со кои се соочуваат при секојдневната примена на Законот за инспекциски надзор.
Беа отворени бројни прашања. Меѓу другото, беше констатирано дека локалните инспектори мора да имаат поголема независност и самостојност во работата, а дека градоначалниците треба да бидат подетално и посеопфатно запознаени со нивните законски обврски поврзани со инспекциските служби.
Исто така, беше нагласено дека ефикасноста на инспекциските служби често пати зависи и од соработката со другите јавни служби, како на пример, полицијата, катастарот и др.
Овие работилници се организираат во рамки на проектот „Локални инспекциски служби во интерес на граѓаните“, спроведуван од НВО Инфоцентар, во партнерство со Центар на заедницата Струга и РЦС Спектар од Крива Паланка. Проектот е финансиски поддржан од програмата Цивика Мобилитас.