Синоќа, во ГЕМ клубот се одржа промоцијата на публикацијата Избори 2014: Дисквалификувана демократија, во издание на Цивил. Промоцијата беше придружена со отворање изложбата на артефакти и стрип експонати во голем формат, инспирирани од ликови и настани поврзани со годинешниве парламентарни и претседателски избори. Изложбата ќе трае до 11 јули, секој ден од 12 до 20 часот.
Публикацијата Избори 2014: Дисквалификувана демократија е дело на авторите: Сашо Орданоски, Џабир Дерала, Сандра Гавриловска, Мери Јордановска, Петар Стојковиќ, како и на соработничката екипа составена од членовите на проектниот и новинарскиот тим на Цивил, меѓу кои се и Фросина Митрушева, Биљана Јордановска, Арбана Ќерими, Џелал Хоџиќ, Стефан Урџановски, Буњамин Камбери, Кате Христовска, Соња Ефтовска, Горан Наумовски.
Публикацијата опфаќа извештај и анализа на изборниот процес и општата политичка состојба во земјата, анализи на правните аспекти на нерегуларностите, медиумите и пропагандата. Во публикацијата се откриваат детали за методологијата на Цивил во спроведувањето на проектот, како и влијанието на Цивил во интернет просторот.
Освен анализите и извештаите, во публикацијата се поместени и бројни стрип илустрации од Игор Стевковски – Стевац и документарни фотографии од набљудувачите на теренот.
Изложбата на артефакти е креирана во соработка со Филип Јовановски и Никола Писарев. На промоцијата, ексклузивно се проектираше извадок од документарниот филм од Фаик Грбовиќ, автор од Македонија кој веќе две децении живее и работи во Лондон.
На штандот на Цивил се најде и електронско издание на ДВД кое ја содржи публикацијата на македонски, албански и англиски јазик, како и детален дневник на настани во контекст на македонските избори. Во ДВД изданието се поместени и 42 видео прилози и фотографии кои ја документираат работата на Цивил во текот на овој голем проект.