Македонското здружение на млади правници (МЗМП) Ве поканува да учествувате на промоцијата на наодите од анализата „Правното образование во Р.М од 2003 до 2013 година – Анализа на реформите кои (не) го унапредија правното образование“. Настанот ќе се одржи на 4 Јули (петок) 2014 година во ГЕМ клуб (во Старата скопска чаршија над кафулето Менада) Скопје со почеток од 10 часот.
Анализата беше изработена во периодот од јануари до јуни 2014 година од страна на МЗМП во рамки на истражувачкиот проект „Реформите во правното образование во Р.М. – Предизвици и перспективи за студентите по право и младите правни професионалци“, а поддржана од Фондацијата Отворено општество – Македонија преку проектот на УСАИД за граѓанско општество (Мали грантови за работна стипендија во граѓански организации). Во документот се анализираат два клучни процеси кои го променија начинот на кој се студира право во РМ воведувањето на Болоњскиот процес и Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС) на наставните програми на правните факултети од една и основањето на повеќе нови приватни и државни правни факултети. Овие два процеса отворија повеќе прашања помеѓу правната фела во однос на насоката во која се движи правното образование поради што се наметна потреба од нивна анализа и разработка.
Клучните наоди од анализата ни укажуваат дека државните правни факултети и понатаму се поатрактивни за студирање од приватните, стекнувањето на практични вештини важни за правните професии речиси не е застапено во наставните програми на правните факултети, не постои мобилност помеѓу студентите што е еден од основните елементи на ЕКТ системот како и неадекватност на методите за оценување на знаењето за реална оцена на знаењето на идните правници (со користење на тестови со избор на еден од неколку можни одговори). Дополнително анализата дава одговор на прашањето дали бројот на студенти по право и дипломирани правници се зголемува или не.
На настанот ќе бидат промовирани наодите од анализата и ќе бидат изнесени препораки за идно унапредување на системот на правно образование во Македонија.