Програмите на Унијата претставуваат интегриран пакет на активности усвоен од ЕУ, со цел унапредување на соработката помеѓу земјите-членки, и тоа во разни области поврзани со политиките на Унијата, зацртани во Стратегијата Европа 2020.
Речиси секоја политика на ЕУ има соодветна програма на Унијата. Основната причина за воспоставување на програмите е приближување на политиките и активностите на Европската унија кон европските граѓани, како и креирање додадена вредност од ЕУ за националните напори на земјите-членки во дадена област.
Затоа, на почетокот учеството во програмите беше ограничено на земји-членки. Сега, во програмите можат да учествуваат и земји кои не се членки на ЕУ, а кои исполнуваат одредени предуслови. Во програмите можат да учествуваат сите правни субјекти, но, во одредени случаи и физички лица (поединци) од тие држави.
Република Северна Македонија се стекна со право да учествува и во неколку програми на Унијата.
ИПА – Инструмент за претпристапна помош
Инструментот за претпристапна помош, претставува финансиската поддршка и е еден од механизмите за европеизација кои Европската Унија ги користи за пренесување на европските принципи, норми и правила во државите кандидати за членство во ЕУ, како и за оформување на нивните институционални и административни структури.
Со ИПА 2014 – 2020, или ИПА 2, за Република Северна Македонија се алоцирани вкупно 608.7 милиони евра, во неколку приоритетни области: Демократија и владеење, Владеење на право и темелни права, Животна средина, Транспорт, Конкурентност и иновации, Образование, вработување и социјални политики, и Земјоделство и рурален развој.
EaSI – Програма за вработување и социјални иновации
Програмата има за цел да придонесе кон исполнувањето на стратегијата Европа 2020 и нејзините зацртани цели (за сиромаштија, вработување и образование) преку обезбедување финансиска помош за промоција на високо ниво на вработеност кое гарантира адекватна социјална заштита, борба против социјалната исклученост и сиромаштијата и подобрувањето на работните услови.
EaSI функционира во три основни т.н. оски:
1. Прогрес – (за вработување и социјална солидарност) поддржува развој, имплементација, мониторинг и евалуација на политиката за вработување и социјална политика на ЕУ како и законодавството за работни услови – 61%
2. EURES – (Европски служби за вработување) обезбедува поддршка на активностите на EURES-мрежата, заради размена на информации и дисеминација како и други форми на соработка за да промовира географска мобилност на работници – 18%, и
3. Микрофинансирање и социјално претприемаштво, преку кои ќе се олеснува пристапот до финансии за претприемачите и социјалните претпријатија – 21%.
COSME – Програма за конкурентност на малите и средни претпријатија
Програмата за конкурентност на претпријатијата и малите и средни претпријатија, со вкупна вредност од €2.3 билиони за периодот 2014-2020, има за цел да се зајакне конкурентноста и одржливоста на претпријатијата , да поттикне претприемачка култура, како и промовирање на создавање и развојот на мали и средни претпријатија.
Програмата поддржува активности за развој на нови стратегии на конкурентноста, иницијативи за забрзување на појавата на конкурентни индустрии, активности за промоција на претприемништво, млади и нови претприемачи, претприемничко образование и вештини, акции за подобрување на пристапот до единствениот европски пазар, зајакнување на меѓународна индустриски соработка и др.
Во оваа програма можат да учествуваат локалните и регионалните власти, корпорации, државите органи / администрации, федерации, синдикати, агенции комори, малите и средни претпријатија.