1410785_10152895512797650_3131461474011039216_o

Продолжува трендот на неказнување на говорот на омраза и насилството мотивирано од омраза

на јул 20, 16 • од

На прашањето што би им порачал на хомофобичните „хејтери“, Кочо Андоновски одговара: „Разбирам дека и хомофобите се луѓе. Ние имаме бесплатна психолошка помош и друг вид помош и ние им ја нудиме целата помош која можеме да им ја дадеме.“...
Pin It

Home » Активности, Слобода за слободата на изразување » Продолжува трендот на неказнување на говорот на омраза и насилството мотивирано од омраза

Интервју со Кочо Андоновски од ЛГБТИ Центарот за поддршка

Здруженијата на граѓани за заштита на правата на ЛГБТИ-лицата неколку години предупредуваат на трендот на неказнивост на говорот на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Не се откриени и изведени пред правдата ниту сторителите на кривични дела од омраза во претходните неколку години. ЛГБТИ активистите сметаат дека неказнивоста на говорот на омраза и насилството ги охрабрува насилниците мотивирани од омраза, а ги обесхрабрува жртвите да пријавуваат говор на омраза и насилство и да покренат соодветни постапки против сторителите. 

Иако имаше потпалувачки говор пред насилството во кафулето „Дамар“ (каде што во 2014 година, ЛГБТИ Центарот за поддршка на Хелсиншкиот комитет за човекови права ја прославуваше двегодишнината од своето постоење), како и говор на омраза после насилството, ниту една покрената постапка не резултираше со казна на хомофобичните „хејтери“. Не се пронајдени ниту маскираните напаѓачи кои го каменуваа кафе-барот „Дамар“ во Старата скопска чаршија, ниту пак, се откриени и изведени пред правдата сторителите на кривични дела од омраза во 2012, 2013 и 2014 година (нападите врз ЛГБТИ Центарот за поддршка, вклучително и каменувањето од страна на маскирани насилници на „Недела на гордоста“ во 2013 година).

Сите овие настани беа повод да направиме интервју со Кочо Андоновски, прв ЛГБТИ активист кој направи „каминг аут“ во медиумите и кој е честа мета на говор на омраза. Кочо Андоновски беше и физички нападнат на „Маршот за толеранција“ на 17.11.2012 година, а беше и сведок на неколку напади на ЛГБТИ Центарот за поддршка.

Во првиот дел од интервјуто, Кочо Андоновски објаснува кога хомофобичниот говор на омраза стана општествен проблем и каква е врската помеѓу говорот на омразата и насилството:

– „Она што е карактеристика на говорот на омраза е што тој не промовира само нетолеранција кон одредени групи, личности, туку има за цел да поттикне и насилство, и најчесто произведува насилство, односно, последицата е насилство.“ Насилствата врз ЛГБТИ центарот ги смета за „класичен пример (за во учебник) како говорот на омраза предизвикува насилство“: „…реализацијата на заканите и на сè она што го трпевме од говорот на омраза, реализација започна со аминување на високи државни претставници. Односно, кога претставници на државни институции го поддржаа тој говор на омраза, ги поддржаа луѓето кои ширеа говор на омраза – не се оградија од нив, не го прогонуваа говорот на омраза, туку напротив, го поддржаа и го промовираа уште повеќе. Тогаш веќе насилниците почнаа со реализација на она со што се закануваа претходно.“

Во вториот дел од интервјуто, Кочо Андоновски укажува дека надлежните институции не го препознаваат говорот на омраза дури ни кога е очигледен и какви сè последици има тоа врз ЛГБТИ луѓето. На прашањето што би им порачал на хомофобичните „хејтери“, Кочо Андоновски одговара: „Разбирам дека и хомофобите се луѓе. Ние имаме бесплатна психолошка помош и друг вид помош и ние им ја нудиме целата помош која можеме да им ја дадеме.“

——————

Прилогот е подготвен како дел од проектот „Застапување за слобода на изразување“ на НВО Инфоцентарот и Центарот за развој на медиуми, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на прилогот е одговорност на „Слободна Македонија“ и на авторот и не ги изразува ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави.

Линк до прилогот на Слободна.мк.

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top