Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корпуција по спроведената истражна постапка, денеска до Основниот суд Скопје 1 поднело обвинителен акт против новинарот и сопственик на порталот „Буревесник“, Зоран Божиновски.
Божиновски, како што информираат од Обвинителството, се товари за злосторничко здружување, шпионажа и за уцена. Обвинителството, исто така, побарало судот да му го продолжи притворот на Божиновски.
„Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција спроведе истражна постапка против лицето З.Б., и по сеопфтно разгледување и анализа на прибраните докази, денеска до Основниот суд Скопје 1 поднесе обвинителен акт со предлог за продолжување на притворот поради постоење на основан сомнеж дека обвинетиот сторил кривични дела и тоа: злосторничко здружување од член 394, став 2, шпионажа од член 316, став 3 во врска со член 45 и уцена од член 259, став 2 во врска со став 1 во врска со член 19 од Кривичниот законик“, стои во соопштението на Обвинителството.
Божиновски во 2013 година беше еден од осомничен во случајот „Шпион“, но бидејќи им беше недостапен на органите на прогонот, истрагата против него беше прекината. На 21 април годинава, Божиновски беше екстрадиран од Србија во земјава, откако беше уапсен од српските власти врз основа на меѓународната потерница, што властите во Скопје ја имаа распишано против него во 2013 година.
На 25 април, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) усвои деклaрација во која побара итно ослободување на Божиновски.
„Неприфатлив е каков било друг исход од ова политички монтирано обвинение за негова наводна кривична одговорност. Колега Божиновски, ние членовите на ЗНМ, со оваа декларација изразуваме подготвеност и те уверуваме дека со заеднички сили ќе ја водиме оваа битка докраj“, беше наведено во декларацијата на ЗНМ.
Меѓународната федерација на новинари на својот 29. Светски конгрес, кој се одржа од 7 до 10 јуни годинава во францускиот град Ангерс, усвои итнарезолуција предложена од Здружението на новинарите на Македонија, со која се осудуваат македонските власти за апсењето Божиновски.
Меѓународната федерација на новинари (МФН) изрази целосна поддршкана новинарот Божиновски и на напорите на ЗНМ за заштита на слободата на медиумите и на правата на новинарите.
Претставниците на новинарите од целиот свет потврдуваат дека Божиновски во претходниот период објавувал текстови засновани на факти и документи, кои сведочат за вмешувањето на владини претставници во криминални активности: „Ние веруваме дека единствена причина за апсење на Божиновски е да се спречи понатамошно објавување на нови стории“, се констатира во резолуцијата на МФН.
ЗНМ побара од СЈО да го преземе одвоениот предмет на новинарот Божиновски од обвинителството за организиран криминал, поради неговата поврзаност со предметот „Шпион“, врз кој СЈО веќе има воспоставено надлежност.
Извор: Слободна.мк