Проектот „Мониторинг на ефикасноста, ефективноста, транспарентноста и одговорноста на регулаторните тела за медиуми – Мониторинг на перформансите“ го спроведуваат Евротинк – Центарот за европски стратегии, во соработка со НВО Инфоцентар, Транспарентност Македонија и Хелсиншкиот комитет за човековите права на Република Македонија и е подготвен врз основа на „Мониторинг-матрицата за работата на АВМУ и АЕК.
Како што објасни Христена Јованчева, односи со јавност во Евротинк, овој четврти квартален извештај покрај работата на двете регулаторни тела, се осврнува и на размислувањата на граѓаните на теми поврзани со медиумите и електронските комуникации во Македонија, преку кои е дојдено со организирање на фокус групи.
Билјана Бејкова, извршна директорка на НВО Инфо центарот, се осврна на извештајот според кој во третиот квартал од 2017 година АЕК не забележал позначајни проомени во однос на транспарентноста и отчетноста. Информации на трите веб страни редовно се ажурирале, рече таа, но стагнација е забележана кај социјалните медиуми. „Како што веќе информиравме во предходниот извештај- рече Бејкова, АЕК веќе ги намали ставките за донации за над 75 милиони денари, а ја зголеми ставката за изградба на антенскиот систем на Водно за над 90 милиони денари. Во овој квартал, беше потенцирано, АЕК не донесе одлука за ниту една донација.
Бејкова објасни дека мониторингот покажал дека во периодот од 17-ти до 21-ви август, по добиена усна претставка од Министерството за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за труд извршил инспекциски надзор за работните односи во АЕК, при што кај три лица биле констатирани неправилности. Кај едно лице, вработено на неопределен период, со полно рабо.но време, преку увид во електронската евиденција се констатирало дека во текот на цела 2016-та година не го евидентирал своето присуство на работа. Ниту пак АЕК приложиле докази дека работникот доаѓал на работа. Вториот работник не го евидентирал доаѓањето на работа од март па се до моментот на инспекцискиот надзор, при што изјавило дека користело годишен одмор, но не биле дадени на увид решенија за истото. Часовите кога лицата отсуствувале од работа се наведени како часови со ефективна работа и исплатена е цела плата.
Околу работата на АВМУ, рече Бејкова забележано е подобрување на транспарентноста и отчетноста, редизајнирана е интернет страница . Она што е најактуелно околу работата на оваа Агенција се предложените Законски измени за професионален ангажман на членовите на Советот како и воведување на проектот за медиумска писменост.
Според Снежана Трпевска, експерт за медиуми, она што недостасува е недоволна вклученост на други клучни институции и отсуство на генерална стратегија за медиумска писменост која ќе ги дефинира сите сфери на јавни политики. Според Трпевска, ова е само гаснење на пожари. Бидејќи додека од една страна се работи на свесност и евалуирање на содржините од страна на граѓаните, од друга страна има многу медиуми со исполитизирана сопственсот.
Според Трпевска ако се осврнеме на тоа што правел регулаторот не само сега туку повеќе години наназад, можеме да заклучиме дека не направил ништо за да се спречи политичката инструментализација, туку напротив многу допринел за тоа. А како главна причина смета Снежана, зошто не е направено ништо да се спречи инструментализацијата на медиумите, е фактот дека во голем дел од постоењето на самиот регулатор, ниту тој не бил независен. Според Трпевска во тело кое носи одлику, да се бираат луѓе кои не се експерти и не ја познаваат сферата или кои се директно поврзани со политички партии и медиумската сфера придонело да се зголемат проблемите при работењето. Таа вели дека треба да се обезбеди континуитет, и затоа не смее на сите членови да им се прекине мандатот, туку само на поединци кои по сила на новите законски одредби ќе се најдат во ситуација на конфликт на интерес.
Горан Лазаров од Евротинк, координатор на проeктот, се осврна на резултатите од фокус групите. Изведени се три фокус групи, со 29 граѓани, од 12 градови. Таму било утврдено дека граѓаните генерално не ги познаваат и разликуваат надлежностите на двете агенции. Општа перцепција е дека се владини тела, иако се самостојни непрофитни регулаторни тела. Довербата во независност во двете агенции е на ниско ниво.
„ Најголемиот дел од учесниците не ги знаат и не ги разликуваат надлежностите на двете агенции. Често, дел од надлежностите на едната ѝ се припишуваат на другата агенција. Па така на пример на фокус групите можевме да слушнеме дека поранешното име на АЕК било Совет за радиодифузија или пак дека АЕК прави мониторинг на работата на медиумите.
Уште еден генерален заклучок е дека довербата во независноста на двете агенции е на ниско ниво. Со тоа што треба да се напомене дека според тоа што го слушнавме довербата во АВМУ е на малку повисоко ниво во однос на АЕК, но сепак и таму доминираше недовербата во независноста на нивната работа. Овде, сепак, мораме да ја земеме во предвид и високата недоверба на јавноста во најголемиот дел од институциите во Република Македонија, што понекогаш придонесува граѓаните без никакво искуство со определена институција, однапред да имаат негативни ставови за нив и за нивната работа. „ – рече Лазаров во своето излагање.
На фокус групите за работата на АЕК, мнозинството граѓани рекле дека цените на мобилните и интернет услугите се превисоки. Квалитетот не е под еднакво добар во сите региони. Иако постои солидно познавање за работата на АЕК, особено околу делот за поднесувањ еприговори, сепак ниту еден од учесниците кои на некаков начин биле оштетени, не поднеле приговор. Малкумина кои поднеле пак велат дека проблемот им бил решен веднаш.
65% од учесниците го препознаа АЕК за можноста да поднесат приговор доколку не се задоволни со некоја од услугите на операторите. За разлика од АЕК, многу помал број граѓани ја препознаваат АВМУ, односно само 24%, како регулатор каде можат да пријават програма со навредлива содржина. Интересен факт за тоа е дека граѓаните ја поврзуваат работата на АВМУ само со изборите, односно дека АВМУ регулира која партија колку ќе биде застапена на секоја од телевизиите за време на изборната кампања.
На прашањето поврзано со конкуренцијата на пазарот на мобилната телефонија, доминантен е ставот дека конкуренцијата во мобилната телефонија е премала и дека е потребен влез на уште оператори. Како пример ќе посочам дека голем дел од граѓаните воопшто не се запознаени со постоењето на виртуелниот мобилен оператор Лајкамобил, кој постои на пазарот во Македонија уште од 2016 година, и сметаат дека во државата има само два мобилни оператори. – рече Лазаров и додаде дека како најголем виновник за малата конкуренција на пазарот, граѓаните ги посочуваат центрите на моќ (владата/ власта), односно отсуството на политичка волја.
Во последниот дел поврзан со АЕК се обидовме да дознаеме колку граѓаните ги забележуваат активностите на оваа агенција. Учесниците ја поврзуваат АЕК со некои градежни проекти, како што е изградбата на Панорамското тркало, како и тоа дека вработените имаат големи плати.
Ниту еден од учесниците ја нема посетено интернет-страницата на АВМУ.
Видливоста на активностите на двете агенции е слаба и тоа според препораките на извештајот е нешто на што двете агенции мора да поработата во иднина.
Според Славица Биљарска, Специјалист за односи со јавност, проблемите за лошата видливост се неколку. Таа објасни дека кога се обидела да пребара на гугл со прашање „како да поднесам претставка до АВМУ?“ не успеала да дојде до никакви информации. Ова рече таа се должи на фактот дека брошурите и главните инфромации на веб страната се ставени во ПДФ формат, кои пребарувачите не го препознаваат. Таа објасни дека постои не можност да се индексираат објавите доколку се во пдф или флеш формат. Веб страната генерално е со дискутабилен дизајн, а влезот во неа хаотичен. Додека пак извештаите се преобемни и одземаат многу време. – рече Славица. Јутјуб каналот исто така не се појавува при пребарување бидејќи недостасуваат клучни информации во полето означено како “дома“. Сепак рече таа за пофалба е што на страната наведени се сите контакти и сите лица кои се вработени во Агенцијата.
За работата на АЕК околу нивната видливост, рече дека за неа било многу збунувачки што Агенцијата има дури три веб страници. Забележува дека регулаторот воопшто не ги користи другите канали за комуникација. За неа еден од најголемите проблеми е постоењето на контакт форма за поднесување прашања и приговори.
Таа на обете агенции им препорача итно правење на стратегии за комуникација, но не само на хартија туку и нивна имплементација. Отворање на што е можно повеќе канали за комуникација и овозможување начини да се дојде до луѓето кои не користат интернет.
Таа им советуваше дека итно треба да поработат на нивно препознавање кој се, што се и што работат, особено преку поедноставување на комуникацијата. Биљарска исто така посочи дека Фејсбук-от не е само огласна табла, туку дека треба да се комуницира со граѓаните, да се одговара на нивните прашања и забелешки. Бидејќи, рече таа на агенциите не им се потребни реклами, туку комуникација и контакт со луѓето.
Целиот извештај може да се прочита ТУКА