Предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за медиумите вклучувајќи го тука и предлогот за законско регулирање на владиното рекламирање, претставуваат уште една потврда дека за оваа власт новинарите и медиумите се само продолжена рака на огромната пропагандна машинерија која секојдневно под превезот на информации и факти, всушност на граѓаните им сервира лаги и манипулации.
Предлозите само покажуваат дека медиумите се еден од клучните столбови на владеењето на овој режим и дека владејачката партија нема никаква намера да се откаже од нив.
Не сакаме да навлегуваме подетално во коментирањето на предлозите кои се проѕирни, недоветни, па дури и небулозни, како на пример, оној за уредниците во МРТ или оној за овластените предлагачи за членови на советот на агенцијата за медиуми.
Имајќи го сето ова предвид сметаме дека за овие и вакви предлози не може и не смее да се преговара. Тие се во целосна спротивност со слободата на медиумите и слободата на изразување.