Јавната хајка против активистите и граѓаните кои имаат критички однос спрема власта продолжува со несмалено темпо.
Деновиве, на социјалните мрежи активистот Владимир Вангелов беше наречен „соросоидно копиле“ , а беше објавена и инсинуација дека тој е еден од напаѓачите на Тодор Петров и дека на таков начин „соросоидите креираат меѓуетнички тензии“.
Вангелов веднаш реагираше на оваа објава на Фејсбук: „Објавата е пријавена во Полициска станица Беко, имав разговор со инспектори од секторот за компјутерски криминал. Тие рекоа дека не се работи за компјутерски криминал и дека нема основа за кривично дело кое би го водело МВР. Остана можноста за поплака до полициската станица Беко како надлежна за овој случај. Испратен е и маил до cybercrime@mvr.gov.mk. Поднесов и репорт до Фб со објаснување. Очекувам поефикасна и побрза заштита и постапување на надлежните институции.“
Според Вангелов ваквите напади врз граѓанските активисти, новинари и граѓани „ се смислени од еден центар со цел да предизвикаат инциденти во тензични ситуации. Тенденциозно е и тоа што ова е објавено во моментите кога се уште нема никакви информации што се случило во врска со нападот врз Тодор Петров. Впечатокот е дека се работи за повик на линч спрема некој кој од „црната пропаганда“ на власта е посочен како предавник, изрод, платеник.“