Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) во соработка со НВО Инфоцентар и БИРН Македонија во рамките на проектот „Истражувачко новинарство за поттикнување реформи“, финансиран од Европската Унија преку програмата за поддршка на граѓанскиот сектор и слободата на медиумите 2014, објавуваат повик за доделување грантови за граѓански организации (ГО) за акции поврзани со прибирање, обработка и анализа на информации од јавен карактер и подготовка на отворени бази на податоци за области од поширок јавен интерес.
Предвидено е да се доделат осум (8) мали грантови, по еден во секој од планските региони во Република Македонија (Скопски, Источен, Југоисточен, Североисточен, Пелагониски, Вардарски, Југозападен и Полошки регион) во износ до 3.000 евра по грант (во денарска противвредност од 184.000 денари). Вкупниот износ на повикот изнесува 24.000 евра.
Целта на овој повик е да се обезбеди поддршка на осум локални граѓански организации кои работат и имаат искуство во собирање, обработка и анализа на информации од јавен карактер. Грантовите ќе се доделат на ГО кои ќе имаат обврска да соберат, обработат и анализираат податоци за однапред определени области за сите општини од регионот на којшто му припаѓаат.
Областите за коишто ќе се прибираат информации од јавен карактер се: економија и финансии, квалитет на живот, здравство и животна средина. Конкретните податочни сетови што треба да се обезбедат преку малите грантови во секоја од овие области се претходно утврдени низ широк консултативен процес и се оценети од страна на ГО и новинарите како најкорисни за нивната идна работа.
Спроведувањето на акциите треба да се одвива во траење од 7 месеци, во периодот мај-ноември 2017 година. Овој период ги вклучува и активностите за подготовка на детален план на реализација, како и подготовката на завршниот наративен и финансиски извештај.
Крајниот рок за поднесување на пријавите е 24 март 2017 година, до 17 часот.
Деталите за повикот како и документацијата за пријавување ќе ја најдете подолу.
Повик за доделување грантови_ IPA2012-CSO-01
Прилог 1-Образец за пријавување_IPA2012_CSO-01
Прилог 3-Опис на проектот_IPA2012-CSO-01
Прилог 4-Податочни сетови_IPA2012-CSO-01