Примерот со Бугарија во однос на транспаретноста и отчетноста на политичарите на власт покажува дека тоа е можно да се очекува и да оствари и во Македонија, но само под три услови: Политичка волја, притисок од јавнoста и целосна примена на строгите стандарди во европското законодавство.
Точка 26
Проект на Решение за одобрување на проект – Меморандум за разбирање меѓу Министерството за транспорт, информатички технилогии и врски на Република Бугарија и Министерството за транспорт и врски на Република Македонија за развој на железничкото поврзување меѓу Софија и Скопје.
БОЈКО БОРИСОВ (премиер): Московски!
ИВАЈЛО МОСКОВСКИ (министер): Господин премиер, ценети колеги, Меморандумот за разбирање помеѓу Министерството за транспорт….на РБ и Министерството за транспорт на РМ во основа предвидува развој на железничките врски меѓу Софија и Скопје и ќе преставува можност за конкретни дејства за доизградба на железничката врска меѓу Бугарија и Македонија, при што одредува и временски рокови за финализирање на делницата од бугарска страна меѓу Ѓуешево–македонска граница до 2027 г., а од македонска страна на делницата од Крива Паланка – Деве Баир – бугарска граница, до крајот на 2025 г.
Со влегувањето во сила на овој Меморандум ќе се овозможи…
БОЈКО БОРИСОВ: Во таа смисла, и на средбата во Трст (е потврдено – н.з.), дека и Берлинскиот процес е вклучен во Коридорот 8, за да може да се оствари тоа поврзување меѓу двете држави, кон кое ние толку многу настојуваме….
Ова погоре се стенограми од седница на Владата на Република Бугарија одржана на 26. јули 2017 година. Оваа стенограма, заедно со сите други од седниците на Владата на Р.Б., се објавуваат редовно на интернет страницата на бугарската влада.
И додека кај нашиот сосед дискусиите на премиерот и министрите се јавно достапни по секоја владина седница, во Македонија, засега има само општи соопштенија од одржаните седници, пракса што ја воспостави новата влада. Претходно, пак, во времето на довчерашната влада, не се знаеше ниту кога имало седница, ниту што било на дневен ред. Освен ако не се земат предвид оние неколку примери на директно пренесување на седниците на владата со која претседаваше Никола Груевски, кои според оценките и коментарите во јавноста беа наменети за остварување на политички поени.
Во Бугарија, пак, од стенограмите на владините сeдници може да се види не само за што се зборувало, туку и подетално кој министер, каков став имал за одредено прашање, но и какви дилеми се појавиле на самата седница и какви насоки се добиени. Од почетокот на годинава до почетокот на август се објавени 32 стенограми, што е еднакво на бројот на одржани владини седници.
И додека во Бугарија се објавуваат стенограмите од завршените владини седници, а претходно се објавуваат и точките на дневен ред за кои ќе се расправа на седницата, по што следуваат и објаснувања зошто е донесена некоја одлука, во Македонија состојбата е поинаква.
Деценија на нетранспарентност
Според неподелена оценка на домашните проследувачи на политичките настани, но и според одредени забелешки во извештаите на ЕУ и други меѓународни организации, изминатата деценија немаше транспарентност од врвот на извршната власт, а тоа се пренесе делумно и на другите две власти и секако на државните институции и јавни претпријатија, со чесни исклучоци. Со промената на власта, иако се направени измени и јавноста е навремено информирана дека е закажана владина седница, а потоа се објавуваат и донесените одлуки,сепак, тоа е далеку од примерот со Бугарија. Владата на РМ сèуште не објавува целосен дневен ред на закажаните седници, а можноста за објавување на детални стенограми од владините седници, засега не се споменува. Се најавуваат само записници од седниците.
„Транспарентноста на работата на Владата е еден од приоритетите во рамките на Планот 3-6-9 за забрзување на реформите во насока на зајакнување на евро-атлантските интеграции на нашава земја. Владатa, за секоја седница ќе го објавува дневниот ред на официјалната веб страница www.vlada.mk, записниците на секоја седница ќе бидат исто така објавени јавно на официјалната веб страница www.vlada.mk“, вели Миле Бошњаковски, портпарол на Владата.
Бошњаковски додава дека ќе продолжат во најкус можен рок да испраќаат детално соопштение од седниците, а дополнително по завршување на секоја владина седница ќе следува брифинг од страна на портпаролот на Владата и доколку на одредената седница имало специфична тематска одлука, на брифингот ќе се приклучат и портпаролите од министерствата, а во одредени случаи и министрите и нивните заменици.
Од бугарската влада, пак, велат дека објавувањето на стенограмите е нешто што се подразбира и дека секогаш има простор да се направи нешто плус, за да се подобри транспарентноста.
„Стенограмите од владините седници се најмалото нешто што го објавуваме. Имаме целосна отчетност и во делот на финансиите. Конкретно би споменал дека за инвестиционите проекти во кои е вклучена и Европската унија постои посебна интернет-страна каде може да се види колку пари чини секој проект, кои се изведувачите и подизведувачите“, вели вицепремиерот во бугарската влада,Томислав Дончев.
А токму на интернет-страната за текот на инвестиционите проекти може во детали да се видат податоците за проектите што се во тек, кои се фирмите што работат, колку пари се исплатени. Наведени се детали за проектите по региони и години и податоци со детали за тоа кои проекти се завршени. Освен тоа, точно е посочено која државна институција кој проект го работела, колку проекти реализирала и колку пари чинеле. Така, може да се види, на пример, дека само Агенцијата за државни патишта од 2009 година до 2015 година реализирала 22 проекти за кои исплатила 1,7 милијарди лева.
Има позитивни примери и во Македонија во таа насока, на пример, веб-страницата на поранешната Агенција за државни патишта на РМ, денес јавно претпријатие, каде што исто така се наведени основни информации за проектите, но затоа недостигаат редица други важни информации, како на пример оние за новите автопатишта што се градат и кои западнаа во застој.
Притисокот на јавноста клучен за поголема отчетност
Вицепремиерот Дончев објаснува дека во Бугарија постои огромен притисок од јавноста, односно од медиумите, невладините организации и од граѓаните за што поголема транспарентност и отчетност. Но и дека за да се постигне сегашното ниво на транспарентност морало да се помине низ еден подолготраен процес.
„Тоа е еден процес кој се одвиваше во континуитет низ годините. Ова ниво не беше воведено автоматски, туку се надградуваше постепено, иако европското законодавство е многу строго и по силата на европските директиви многу нешта кои претходно не беа достапни за јавноста сега се достапни“, објаснува Дончев.
Пред извесно време во Бугарија се појавила и иницијатива, која сèуште не е реализирана, а со која се барало секој министер да обелоденува дневник на активности. Односно, на самата интернет-страна на министерствата да се објавуваат информации, кој министер со кого и каде имал средба во текот на денот. Вакво нешто во Македонија побараа дел од невладините организации кои следат корупција, особено откако во јавноста се појавија голем број сметки за тоа како функционерите ги трошеле парите на граѓаните додека биле на власт, со примери за луксузирање и за трошења за лични потреби.
Но, таквото барање не само што нема никаков повратен ефект, туку од друга страна, ниту една државна институција не отвори истрага за случаите, туку постојано меѓусебно се прозиваат кој треба да достави документи за да може да се испитаат трошењата, а неформалното образложение беше дека тоа ќе немало ефект сè додека главен јавен обвинител е Марко Зврлевски. Сега, откако Зврлевски е разрешен јавноста очекува да види дали тие информации за нецелисходно трошење на јавни пари за приватни цели ќе имаат завршница и разрешница или ќе останат на ниво на пропагандни активности за тоа кој бил подобар, а кој полош.
Треба да се има предвид дека информациите за трошењата станаа достапни со промената на власта, па повеќето министерства решија да ги достават податоците коимедиумите претходно ги бараа со Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, а за кои претходната владанаоѓаше различни начини како да не бидат обелоденети.
За разлика од Македонија, во Бугарија состојбата со примената на таквиот закон е сосема поинаква.
Банкротот јавен, излезот таен
Рокот за доставување на бараната информацијаспоред бугарскиот закон за оваа материја е 15 дена и тој е двојно пократок од Македонија. Невладините организации во РМ одамна бараат скратување на рокотбидејќи институциите го чекаат последниот рок за да одговорат. Ако се достави и жалба до надлежната Комисија,временскиот период за добивање една информација може да потрае и два месеци. Исто така, според извештаите на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, минатата година, ниту една институција не била казнета за непостапување по законот
Колеги и колешки од Бугарија нивниот закон го оценуваат како „релативно добар“.
„Бугарскиот закон е релативно добар во споредба со многу други земји. Драго ми е што Бугарија има Закон за пристап до информации од јавен карактер. Тоа е добар начин да се регулира процесот, дури и кога институциите не се толку транспарентни“, вели новинарката Алексениа Димитрова, слободен новинар и една од пионерите во користењето на овој закон за обелоденување на важни информации и објавување на истражувачки приказни, дури и книги. Таа воедно е и заеднички добитник на годинешната Пулицеровата награда, доделена за истражувањето и објавувањето на т.н. „Панама пејперс“, најголема обелоденета листа на сопственици на оф-шорни компании досега во светот.
Димитрова додава дека понекогаш од институциите во Бугарија не го добиваат она што го бараат, но со помош на Законот за пристап до информации од јавен карактер, сепак, овој процес, вели, добро се регулира, па судовите постапуваат по нивните реакции.
„Има ситуации кога и министерствата се повикувале дека информациијата не е од карактер за слободен пристап, но сепак, потоа надлежните судови сметале дека таквиот одговор не е соодветен и носат одлука бараната информација да биде доставена. Секако, има и спротивни ситуации, иако помалку“ вели Николај Крастев, кој од оваа година работи за телевизијата Блумберг Бугарија.
На новинарите и граѓаните кои бараат одредена информација, а институциите одбиваат да им ја дадат, им помага и невладината организација Фондација ПДИ (Програма за достап до информации),која ги застапува во судските спорови. Тоа може да се види и само ако се погледне листата на проекти кои се активни или кои ПДИ ги имала во блиското минато.
Од оваа невладина особено истакнуваат пет големи случаи на документи кои биле декласифицирани, а за кои владата сакала да останат тајна.
Во првиот случај бил декласифициран Правилникот за заштита на државната тајна на Бугарија од 1980 година. Потоа, околу 100 тома материјали на Националната разузнавачка служба, па договорот на Министерството за финансии со фирмата Краун Ајџентсза реформи во царината (позната и кај нас од пред петнаесетина години) и извештаите на Обвинителството за злоупотребата со специјални разузнавачки средства.
Последниот случај, пак, поврзан со состанокот што се одвивал во кабинетот на претседателот на државата, а се однесувал за банкротот на КТБ банката е отворен, но не благодарение на законот, туку на сменетата политичка гарнитура.
Декласифицирани се два стенограма од средбите кај поранешниот претседател на Бугарија, Росен Плевнелиев. Имало два состанока во јуни и јули 2014 година. Консултациите биле поврзани со кризата што настанала околу проблемите со Корпоративна трговска банка (КТБ). На средбите учествувале претседателот, лидерите на парламентарните партии, пратеници, пратеник од Европскиот парламент, претставници на Владата, на Управниот одбор на Бугарската народна банка (БНБ), главниот обвинител. Банкарската криза завршува со затворање на банката, одземање на лиценцата и најава за нејзин стечај. Консултациите кај претседателот Плевнелиев биле заусвојување на различни мерки за справување со кризата, вклучувајќи и законодавни.
Сепак, документите не биле декласифицирани во мандатот на Плевнелиев. Односно, иако тогаш биле поднесени две барања за пристап до информации од јавен карактер со кој се барале стенограмите, тие биле одбиени. На почетокот на мандатот на претседателот Румен Радев, интересот за содржината на стенограмите повторно станува актуелен, а сега стенограмите стануваат достапни до јавноста.
„Ова беше пример кога поранешниот претседател Плевнелиев не сакаше да ги даде стенограмите од разговорите за банкарската афера, но откако дојде новиот претседател Радев, стенограмите се достапни. Тоа покажува дека нема информација што може да остане вечна тајна. Друго е прашањето дали во Бугарија медиумите лесно или многу лесно доаѓаат до информациите кои се од јавен карактер“, вели Николај Крастев од телевизијата Блумберг.
Транспарентноста се зголеми со ЕУ
Нашето истражување и споделените искуства од соговорниците во Бугарија, покажа дека Законот за пристап до информации од јавен карактер во Бугарија, иако функционира од 2000-та година, дури пред влезот на земјата во ЕУ тој почнал да функционира како што треба.
„Процедурата за да стигнеме до ова ниво на добивање на информации од јавен карактер почна пред да влеземе во ЕУ. И тогашните власти не сакаа многу да ги даваат сите информации, но со време научија дека мора да ги даваат. И откако сме во ЕУ веќе десет години нема некои драстични проблеми со кои се нарушуваат правата на медиумите во смисла да не им се даваат информации. ЕУ носи друг стандард“, вели Крастев.
Во корпусот на транспарентност, што дополнително ја олеснува работата на новинарите, но и пристапот до податоци на граѓаните е тоа што во Бугарија во најголем дел се бесплатно достапни и податоците за сопственоста и за работењето на фирмите од Централниот регистар (Агенција за впишување), а во тој состав и Трговскиот регистар. Сепак, новинарите не се целосно задоволни и велат дека споредено со регистрите на повеќе земји, овој Централен регистар, не е најдобриот.
Ваква одлука за бесплатен пристап до информации до Централниот регистер и до Катастарот за потребите за истражувачки стории, неодамна донесе Владата на Република Македонија на својата 26 седница оддржана на почетокот на септември годинава. Одлуката беше образложена како поддршка на Владата кон „правото на медиумите и нановинарите слободно и непречено да известуваат и да истражуваат“. Во соопштението Владата признава дека станува збор за барање на новинари и новинарски здруженија.
Пред да се донесе оваа одлука разговаравме со Сашка Цветковска, истражувачки новинар од Нова ТВ, која ни образложи зошто била барана ваква одлука од властите:
„Централниот регистар во Македонија е еден од најскапите регистри, односно од она што досега сум го сретнала веројатно е и најскапиот во светот. Кај нас секоја информација се наплаќа. Плаќате дури и за онаа основна информација кој е директор и сопственик на некоја компанија. Доколку, пак, сакате да добиете историјат на компанијата тогаш треба да сте подготвени да фрлите многу пари. За разлика од Македонија, регистрите во регионот или не наплаќаат за податоци или наплаќаат минимални суми“, вели Цветковска, која често ги користи податоците од регистарот за своите новинарски истражувања.
Таа објаснува дека за обичен историјат на една фирма во Македонија се плаќа 1.300 денари, додека пак за комплетна проверка на историјата на една фирма во Британија, со сите придружни документи се плаќа помеѓу 350 до близу 700 денари, зависно од бројот на документи.
„Ако независна редакција сака да го негува истражувачкото новинарство треба да плаќа и по 1.000 евра за документи за истражување“, ги појаснува Цветковска причините зошто се бараше укинување на плаќањето информации од овие две институции.
Чекајќи ја целосната транспарентност, остануваат ветувањата
Новата влада која најавува поголема транспарентност на податоците не би требало да застане тука, велат и нашите соговорници и од струковите организации.
Независниот новинарски синдикат, ССНМ, при првиот состанок со премиерот Заев упати и писмено барање за измена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, при што, на премиерот му биле соопштени слабостите од сегашниот закон. Истото, претходно веќе го бараа и од Центарот за граѓанскикомуникации и други невладини организациии новинари. ССНМ неодамна поздравувајќи ја владината одлука за укинување на плаќањето за информација од Централниот регистер и Катастарот, ја охрабри и ја потсети Владата дека се бараат и измени на Законот за пристап до информаци од јавен карактер.
Според изјавата за „Вистиномер“ на министерот за комуникации и отчетност Роберт Поповски, владата ја планира оваа активност околу измените на Законот за периодот по локалните избори, имајќи ја предвид динамиката на (не)работење на Парламентот.
Министерот, на барање на ЗНМ (Здружението на новинари на Македонија), претходно најави дека ќе се направат напори секое министерство еднаш неделно или месечно да има брифинзи со новинарите, како што е пример во Германија. Јавноста сè уште чека на таквата пракса.
Во Бугарија, според новинарите, сè уште не е воспоставена пракса секоја институција неделно или месечно да има брифинзи со новинарите, но велат дека сепак во повеќето институции брифинзите се чести и се одржуваат по потреба.
Истражувајќи позитивни примери од земјите членки на ЕУ во однос на транспаретноста и отчетноста и европските стандарди во оваа област се доаѓа до констатација дека сепак, политичката волја за примена на таквите стандарди и притисокот од јавноста, се најважни фактори. Тоа го потврдува и бугарскиот владин функционер со кого разговаравме на оваа тема.
Тој, сепак, пораката за тоа како Македонија да достигне поголемо ниво на транспарентност ја упатува и до јавноста и медиумите.
„Не очекувајте политичарите сами да се сетат да бидат отчетни. За такво нешто е потребен силен притисок од јавноста“, вели вицепремиерот Дончев.
Наташа Стојановска
Извор: Фактор
Овoј новинарски текст е изготвен со помош на грант доделен преку проектот „Истражувачко новинарство за поттикнување реформи”, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации во партнерство со Балканската истражувачка репортерска мрежа и НВО Инфоцентар со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.