01-Naslovna-Kovid-19-statistika-1

Податоците за Ковид-19 имунизацијата да бидат сеопфатни и електронски достапни за сите

на ное 17, 21 • од

  Авторка: Маја Јовановска           Уште од почетокот на имунизацијата против Ковид-19, во февруари годинава, во државава нема единствена електронски достапна и интерактивна база, во која би се слевале и објавувале сите информации и податоци поврзани со овој исклучително важен процес во битката со коронавирусот. Нема електронска интерактивна база за тоа колку [&hellip...
Pin It

Home » Активности, Анализи, Важни, Ковид Имунометар » Податоците за Ковид-19 имунизацијата да бидат сеопфатни и електронски достапни за сите

01-Naslovna-Kovid-19-statistika-1

 

Авторка: Маја Јовановска          

Уште од почетокот на имунизацијата против Ковид-19, во февруари годинава, во државава нема единствена електронски достапна и интерактивна база, во која би се слевале и објавувале сите информации и податоци поврзани со овој исклучително важен процес во битката со коронавирусот. Нема електронска интерактивна база за тоа колку вакцини се пристигнати, во кој временски период, од кои производители и врз која основа (донација, договор и др.). Нема ниту база на податоци за бројот на вакцинирани лица според полот, возраста, регионалната распространетост, видот на вакцината, бројот на примени вакцини и др.

Министерството за здравство објавува дневни статистики за тоа колку лица се вакцинирани со прва, втора и трета доза вакцина, колкав е проценот на вакцинирани граѓани меѓу оние кои заболеле или починале од коронавирусот, како и бројки и проценти на вакцинирано население по возраст. Пeриодично се објавуваат и податоци за регионалната распространетост на вакцинираните лица. Но сите овие податоци не се сеопфатни и целосни односно  често пати се фрагментирани и непрегледни.

Има податоци, но не се целосни и сеопфатни

Новинарите кои ја следат пандемијата и процесот на имунизација велат дека дневната статистика на Министерството за здравство, достапна за медиумите најчесто преку соопштенија за јавност, само навидум  е детална и целосно транспарентна, зашто во неа често недостигаат важни податоци и информации. На пример, недостигаат ажурирани податоци за бројот на вакцинирани граѓани по  општини, пред се, во Скопје, но и податоци за тоа, колку родители чии деца одат со физичко присуство во училиштата и градинките, се вакцинирани, колкав е бројот на вакцинирани и прележани студенти и други категории граѓани, и итн.

„…Кога се вели дека одреден процент граѓани се вакцинирани, не се знае која бројка на население ја зема предвид Министерството за здравсто. Дали се тоа два милиони жители или колку точно? Значи, ќе се каже дека, на пример, 30 проценти се вакцинирале, но не знаеме од колку граѓани е изваден тој процент“, посочува новинарката Мирослава Брнс од „Слободен печат“.

Од Министерството за здравство на прашање од НВО Инфоцентарот одговорија дека процентите се пресметуваат врз основа на процената на Државниот завод за статистика за бројот на вкупното население во државава, која заклучно со 2020 година изнесува 2.068.808 жители, а вкупниот број полнолетни граѓани е 1.669.010.

Министерството за здравство, од 6 август годинава, започна да објавува и сумарни податоци за тоа колкав број од заразените, хоспитализираните и починатите лица од Ковид-19 се вакцинирани. За претходниот период податоци се уште нема, иако вакцинацијата во земјава започна во февруари, а ревакцинацијата во април.

Во официјалните државни статистики се уште не се внесенисите граѓани кои се вакцинираа во други држави, најчесто во Србија и Бугарија. Министерството за здравство апелираше граѓаните вакцинирани во странство сами да се пријават кај своите матични лекари или на вакциналните пунктови, и на тој начин да влезат во националниот систем и статистика. Засега не е познато колку граѓани, вакцинирани во странство се евидентирани.

За да може темелно и суштински да го следат и анализираат процесот на имунизација, новинарите често бараат дополнителни информации, податоци и објаснувања од Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Агенцијата за лекови и медицински средства, МАЛМЕД, како и од други релевантни институции и тела. Новинарите очекуваат подетални и сеопфатни информации бидејќи само на таков начин можат квалитетно да ја информираат јавноста. Едновремено, според новинарката Мирјана Мирчевска Јовановиќ од Канал 5, ваквите информации ќе водат и кон подобра комуникација на здравствените институции со новинарите и  граѓаните воопшто, но и кон поуспешна битка против лажните вести.

Институтот за јавно здравје сите информации поврзани со вакцинацијата против Ковид-19 во земјава ги добива од Управата за електронско здравство, преку електронската база на податоци „Мој Термин“.

„Овие податоци се анализираат и се користат за потребите на здравствениот систем и за комуникација со јавноста. Се разбира, обемот и содржината на информациите кои се споделуваат се усогласени со развојот на епидемиолошката ситуација и проценката на епидемиолозите и надлежните“, објаснуваат од Институтот за јавно здравје.

Оттаму велат дека деталните информации за аплицирани дози на дневна основа и вкупно, по производител, по градови односно вакцинални пунктови, редовно споделува Министерството за здравство, додека Институтот за јавно здравје подготвува неделни информации за состојбата со Ковид-19 во државава и во светот, кои содржат и податоци за процесот на вакцинација.

02-Kovid-19-statistika-2

Институтот за јавно здравје, за потребите на Министерството за здравство, изготвува и подетални анализи. Овие анализи претставуваат основа за политиките, мерките и активностите на здравствените власти во земјава.

Недоволен капацитет за квалитетни статистики

Институтот за јавно здравје е дел од Националниот статистички систем (НСС) чиј носител е Државниот завод за статистика (ДЗС), а го сочинуваат уште седум институции[1]. НСС треба да обезбеди квалитетни статистички информации за здравјето на граѓаните, за состојбата и движењето на економијата, човековите ресурси, демографијата, заштитата на животната средина и др., како и да обезбеди меѓународно споредливи статистички истражувања.

Досегашните искуства покажуваат дека речиси сите институции (исклучок е Народната банка) вклучени во НСС не можат да обезбедат квалитетни статистички податоци и истражувања бидејќи немаат доволно стручен кадар односно немаат стручни одделенија кои можат квалитетно и во согласност со статистичките стандарди да ги обработат податоците со кои располагаат. Според познавачите, проблемот е системски и треба да се решава на владино ниво бидејќи неговото надминување подразбира финансиски импликации и наметнува потреба од нови работни места.

Недволната стручност на постојниот кадар во институциите, влијае врз квалитетот на статистичките истражувања и воопшто, врз квалитетот на обработката и анализата на статистичките податоци и токму затоа, овој проблем треба да се надмине што е можно побрзо.

03-Kovid-19-statistika-2

Важноста на националната статистика и статистичките истражувања ја потврдува и фактот што во преговарачката рама со ЕУ постои посебно поглавје – 3.18, Статистика. Активностите во ова поглавје овозможуваат Националниот статистички систем соодветно да ги исполни барањата на правото на ЕУ во статистиката. Правилата и политиките на ЕУ во оваа област имаат цел да обезбедат висококвалитетни статистички податоци, во согласност со европските регулативите и со меѓународните препораки.

Се подготвува интерактивна електронска база

На прашањето, зошто нема единствена дата база во која на дневна основа ќе се собираат и обработуваат сите податоци за состојбата со коронавирусот и вакцинацијата, од Институтот за јавно здравје посочуваат дека таква база постои и дека со неа управува  Управата за електронско здравство. Но, едновремено информираат дека во тек е изработка на интерактивна електронска база на податоци:

„Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија работи на подготовка на Dashboard за приказ на развојот на епидемиолошката состојба со Ковид-19 во државава, со стручна и финансиска помош на Светската здравстена организација (СЗО)“.

Вакви или слични бази има во многу земји во светот и тие даваат детална и редовно ажурирна слика за процесот на имунизација.

Словенечкиот Институт за јавно здравје, на пример, сите податоци поврзани со имунизацијата против Ковид-19 ги објавува во една детална електронска дата база. Податоците  се ажурираат на дневна основа. Во оваа база има податоци за вкупниот број вакцинирани лица, за нивната старосна структура, за нивната детална географска и регионална распределба, за вкупниот број вакцинирани лица по ден, за видот на примени вакцини и др.

Тројца тинејџери на возраст од 14 и 15 години, пак, ја создадоа најрелевантната база за следење на состојбата со Ковид-19 во Австралија- CovidbaseAU. Тие својот идентитет го открија дури откако ја примија првата доза вакцина.

Весли, Џек и Дарси ја создале базата во февруари годинава и како што самите изјавија, тоа било чиста „забава“. Откако медиумите во Австралија почнале да ги користат податоците од нивната база, австралиските момчиња прдолжиле да ја надградуваат. Целта им била на едно место да ги соберат сите податоци кои осумте влади на државите во Австралија и федералната влада ги објавуваат засебно и во различни формати. Ковид-базата секојдневно се ажурира со најнови податоци за бројот на вакцинирани, заболени, хоспитализирани, починати, тестирани и др.

Во државава, пак, на агрегаторот Time.mk постои електронска база која на дневна основа ја следи состојбата со коронавирусот, но во неа освен бројот на аплицирани дози, вакцинирани граѓани со две дози, линкот до специјализираната интернет-страница на Министерството за здравство и вакциналните пунктови, нема други податоци за процесот на вакцинација.

Во последните шест месеци од годинава, НВО Инфоцентарот, на неделна и месечна основа, ги обработува податоците од здравствените установи и во континуитет го анализира процесот на имунизација против Ковид-19. Податоците и наодите графички се обработуваат, и на систематичен, сликовит и јасен начин редовно се објавуваат на социјалните мрежи, под хаштагот #КовидИмунометар. На ваков начин, НВО Инфоцентарот придонесува кон поквалитетно и базирано на факти и релевантни информации, едуцирање и информирање на граѓаните за важноста, но и за текот на процесот на имунизација против Ковид-19.

 

 

 

 

 

 

[1] Народна банка на Република Македонија • Министерство за финансии • Министерство за внатрешни работи • Министерство за правда • Агенција за вработување на Република Македонија • Институт за јавно здравје на Република Македонија • Управа за хидрометеоролошки работи • Фонд на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top