Предлог Амандманот на Претседателката на Совет на општина центар, Јана Белчева Андреевска, поттикнат од предлог иницијативата на активистки на организацијата Една Може! за вметнување на член во правилникот при аплицирање на повиците на школите за користење на училишен простор само на социјално одговорни бизниси, донесе радост за многу деца и мајки, но и за социјално ранливи категории на семејства.
Со оваа одлука и нејзино ефективно спроведување преку соработка на општината, училиштата, бизнис секторот и експертките од граѓанските организации, на децата од опфатените категории ќе им биде овозможена инклузивност кон рамноправна иднина.
Иницијативата на Една може!, за укинување на додатни училишни трошоци за сите деца од категории на социјална загрозеност, со специфично препознавање на децата од еднородителските семејства, беше едногласно изгласана на 18. Седница на Советот на општина Центар.
Исто така, иницијативата доби широка поддршка од бројни женски граѓански организации: Национална мрежа против насилство врз жени – Глас против насилство, Платформа за родова еднаквост, ОЖ Клеа, ТАКТ, ОЖ Кумановка, Коалиција Маргини, ФООМ, Мрежа за заштита од дискриминација, Хелсиншки Комитет за човекови права, ЕССЕ – Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, Реактор, Рома С.О.С., Тиит!Инк. и Хопс..
За целите на оваа иницијатива, Една Може! изработи компаративно истражување на слични социјални мерки и инструменти кај земјите членки на ЕУ од Источна Европа, како и вредност на минимална синдикална кошничка кај еднородителските семејства, што е првата симулација од ваков тип.
Работниот тим на експертки од Една може!, изјавуваат: „Од интервјуирани над 200 самохрани мајки, само 10% од нив ја заработуваат минималната сума од синдикалната кошничка за еднородителски семејства. А пак, месечните трошоци за целодневен престој, странски јазик, физичка активност и месечни детски списанија, не влегуваат во севкупната сума на минималната кошничка. Ова зборува дека и тие 10% од самохраните мајки, многу тешко можат да си дозволат да ги покриваат месечните издатоци за воншколски, но во текот на целодневната настава, до 17 часот, активности кои ги нудат бизнисите со кои школите склучуваат соработка.“
Посветеноста и спремноста на Претседателката на Советот на општина Центар, Белчева Андреевска, да ги покрене прашањата за социјалната исклученост и родовата нееднаквост произлезе од нејзината човечност и стручност, но и од нејзиното учество во обуките кои беа организирани за жените во политика преку канцелариите на УНДП и НДИ – “Жени во политика” во период од две години. Преку оваа иницијатива се создаде мрежа на влијателни жени во политика кои преку женска солидарност ќе работат на заеднички развојни програми.
Претседателката на Една може!, Дороти Пачкова, нагласува дека: „Ова е резултат на нашите долгогодишни заложби за социјална инклузија на жените самохрани мајки и на еднородителските семејства, вклучително и на децата, но и на плодовите од вклучувањето и соработката со/на жени во јавните сфери, во политиките. Само вака, сите заедно да го правиме ова општество солидарно, емпатично и мудро, раководејќи го со цел да може сите негови граѓани/ки да функционираат согласно семејните околности, различности и посебности и взаемно да го извлекуваме најдоброто од нас и од општественото живеење. Секако сметаме дека женската солидарност, „сестринството ставено во контекст“, одигра голема улога, и искрено се надеваме дека и другите претседатели и претседателки на општинските совети во Македонија ќе го следат примерот на општина центар и после резултатите кои ќе ги мониторираме заедно со комисијата за образование, а се однесуваат на оваа одлука, ќе можеме овој солидарен пример да го примениме низ сите општини.“
2 Responses to Победа на женската солидарност во центарот на Скопје