Чекајќи од државата надоместок за помош и нега од друго лица, Бедрие Ферадова од струмичко Иловица почина. Со преживеани неколку мозочни удари, 69 годишната старица цели три години се докажуваше со Министерството за труд и социјална политика дека е неподвижна и неправедно и’ е укината помошта што ја добивала до 2013. Бедрие постојано беше во кревет. За неа секојдневно се грижеше снаата Барие. Ја хранеше залак по залак, а вода и’ даваше преку цевка. Но пред социјалните институции не може да докажат дека свекрвата Бедрие без помош и нега од друго лице не може да живеее
,,Пари примав до 11 месец 2013 година. Имав право од декември да поднесам нови документи оти годишно се поднесуваа. Во јули следната година 2014 добив решение дека не ме следува парична помош за неа“, кажа снаата Берие.
Ферадова од 2009 година по добиениот прв мозочен удар кога се парализирала до 2013 примала помош за нега од друго лице. Но за продолжување на помошта требало да ја посетат контролни лица. Сепак здравствените работници наместо кај неа завршиле, кај некоја друга Бедрие која била на нива. Ферадови кои тој ден имале закажано преглед попусто чекале. Никој не ги посетил.
„Ми се најавија дека ке дојдат. Телефонскиот број го имам оставено во брза помош. Они го земале бројот и ми се најавија. Јас ги чекав. Изгубив и термин во нервното. Не дојдоа. Отидов лично кај нив, а они се оправдаа дека тоа нема да се одрази на одлуката на министерот. Главната причина е тоа. Има и друга Бедрие само со друго презиме друг број на куќата. Биле кај друга со исто име ама различно презиме, но таа си е на нога. Таа работи, а овде ние имаме факти. Тие требаше да дојдат за да ја утврдат точната состојба на мојата свекрва, но тие не беа кај мене“, вели Барие.
Откако добиле решение дека 69 годишната старица може да функционира без помош од друго лице, снаата Барие правдата ја побарал и по судски пат. Паралелно повторно ја поднела целата документација за да докаже дека нејзината свекрва е врзана за кревет и парализирана, но ја одбиле оти предметот се решавал по жалбена постапка.
„На решението пишуваше дека можам да се жалам. Поднесов тужба (жалба) , имам копија, но пишуваше дека ќе оди на второстепена комисија на разгледување. Но одговор јас не добив. И покрај силните наоди, конзилијарно мислење од Штип имам и докумети од Фида дека ја следува. Сакав да поднесам нови документи, но ми кажаа дека не можам бидејки нашиот предмет односно случај не бил разрешен. Само парите во вода ми отидоа“, раскажува Барие.
Од Министерстовото за труд и социјална политика информираа дека правото за паричен надоместок за помош и нега од друго лице на Бедрие Ферадова и’ се укинало бидејки не се појавила на контролен преглед ниту се јавила во центарот за социјална работа за да поднесе ново барање. Апелираа до семејството Ферадови да поднесе ново барање за да и’ се обнови правото на користење парична помош. Ново барање поднеле пред дваесетина дена, но 69 годишната Бедрие во меѓувреме почина.
„Јас како граѓанин на Р.М. Си ги барам правата кои што ме следуваат. Не сакав никој друг од џеб да ме рани. Таа беше мој човек, додека можеше ми помагаше околу децата. Ама тоа навистина е болно, некој да си игра со нас“, потенцираше Барие, снаата на починатата Бедрие.
Ова е само еден од многуте случаи во земјава каде граѓаните се соочуваат со неажурност на институциите. Во битката за остварување на своите социјални права загарантирани со Устав стануваат губитници и поразени. Ферадова парализирана од петте мозочни удари го изгуби животот, три години помош не добиваше иако преку нејзината снаа постојано пред центарот за социјални работи со куп медицинска документација докажуваше дека на Бедрие и’ е потребен надоместок за помош и нега од друго лице.
Извор: Канал77
Прилогот е овозможен со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско општество. Содржината на прилогот е одговорност на ЗГ „Медиа плус“ Штип и на авторите и не ги изразува ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави.