НВО Инфоцентарот, во соработка со Организацијата на жени од Струмица, ја подготви студијата: „Капацитети за искористување и програмирање на ИПА фондови на локално ниво – Студија на случај: Општина Битола“.
Овој документ е дел од серијата студии на случај, во кои покрај Битола, вклучени се и општините Струмица и Тетово, како и градот Скопје. Во студиите се анализираат и оценуваат постојните капацитети на општините за искористување и програмирање на ИПА фондовите. Истовремено, овие студии ја анализираат соработката на општините со граѓанските организации и нудат препораки за зголемена апсорпција на европските фондови и подобра соработка со граѓанскиот сектор на локално ниво.
Клучни наоди
Генералната оценка за досегашниот перформанс на Општина Битола, во поглед на нејзините капацитети за искористување и програмирање на ИПА фондовите, во служба на локалните развојни приоритети, се карактеризира со многу низок процент на искористеност на достапните средства. Тоа се должи на пасивниот и стратешки нефокусиран пристап.
Иако, поставената стратешка рамка на Општина Битола, целосно соодветствува со програмските приоритети на ИПА програмите, како клучен услов за досегашното ограничено учество во ИПА програмите се нотира отсуството на политичка волја за директно учество на Општината во ИПА проекти.
Исто така, немањето континуитет во стратешката определба за градење на капацитетите дополнително ја отежнува веќе неповолната позиција за искористување на ограничените внатрешни човечки ресурси и искуство, кои значително влијаат врз апсорпцијата на ЕУ фондовите.
Постојните модели на соработка со засегнатите чинители на локално ниво, не бележат значајни успеси. Стагнира и промоцијата на придобивките од учеството на Општината во ИПА програмите на ЕУ, преку кои, заедно со јавните претпријатија, граѓанските организации и бизнис секторот може да се реализираат низа стратешки развојни иницијативи.
Она што треба да се нотира е фактот дека, во моментов, во Општина Битола постои политичката волја за подобрување на состојбата. Предност е тоа што и покрај ограничениот број вработени лица, има неспорна експертиза и искуство кои треба да се стават во служба на ефективниот и ефикасен локален економски развој.
Општината оценува дека граѓанските организации можат да бидат најкорисни партнери во изработката и реализацијата на проекти во рамки на програмите на ЕУ. Во моментов не постои систематизиран пристап и соработка на Општината со граѓанските организации, а не е назначено ни лице за контакт со граѓанските активисти во рамки на општинската администрација. Соработката е сведена на ад-хок активности и годишна програма за финансирање локални организации во вкупен износ од само два милиони денари.
И активистите се едногласни дека партнерството треба да постои и да се гради. Преовладува ставот дека во Општината, засега, нема голема волја за соработка со граѓанскиот сектор, па оттаму, се залагаат за изработка на нова Стратегија која ќе предвиди мерки и активности за подобрување на взаемната соработка. Активистите сметаат дека Општината и граѓанските организации треба во иднина заеднички да подготвуваат и аплицираат проекти во рамки на ИПА фондовите. Ваквото партнерство ќе биде од корист и за двете страни. За граѓанските организации, тоа меѓу другото, ќе значи и обезбедување средства за ко-финасирање од страна на Општината.
Клучните предизвици со кои се соочуваат граѓанските организации во Битола се поврзани со ограничените можности за финансиска одржливост и недостигот од човечки ресурси за нивен натамошен развој.
Препораки
Постојната политичка волја во Општина Битола треба да биде преточена во конкретни мерки и активности кои ќе водат кон зголемено искористување на фондовите што ги нуди Европската Унија.
Општината треба да креира и спроведува континуирана и системска промоција на придобивките од учеството во ИПА програмите на ЕУ, како за општината, така и за јавните претпријатија, граѓанските организации, бизнис секторот и граѓаните во целина.
Пристапот до ИПА фондовите подразбира преземање низа подготвителни чекори, вградени во кохерентни развојни рамки, во кои прецизно ќе се идентификуваат потребите за надградба на постојните капацитети. За таа цел, Општина Битола треба континуирано да ги гради капацитетите на општинската администрација. Во моментов, приоритетни области за надградба се: детално запознавање на општинската администрација со програмите и фондовите на ЕУ, проектен менаџмент и спроведување ИПА проекти, запознавање и примена на процедурите за набавки според ПРАГ, финансиско раководење, комуникација и промоција на проектни резултати, јавно застапување и креирање политики базирани на докази и др.
Капацитетите за искористување и програмирање на ИПА фондови на локално ниво, треба да бидат соодветно систематизирани и во служба на стратешките развојни приоритети на општината. Затоа, потребен е ефикасен интерен систем, соодветна организациска поставеност, соодветни човечки ресурси и мандат за следење, мониторинг и надградба. Всушност, Општина Битола треба да воспостави систем за одржлив развој, преку проектно одделение за мапирање на локалните приоритети и соодветна изработка и спроведување проекти.
За унапредување на соработката со граѓанските организации, Општината треба да воспостави двонасочен постојан дијалог со граѓанскиот сектор, а треба и да назначи лице за комуникација со граѓанските активисти. Потребна е и изработка на стратегија за соработка и поддршка на граѓанските организации. Нејзиното изготвување и нејзината реализација мора да бидат инклузивни односно со директно и постојано учество на граѓанските организации. Општината треба да го стимулира партнерството со граѓанските организации во рамки на ИПА програмите, како и да ја поддржи одржливоста на граѓанскиот сектор. Општината треба да развие модели на вклучување на граѓанските организации во спроведувањето на локалните развојни мерки. Постојната програма за поддршка на граѓанскиот сектор треба да има јасно дефиниран систем на селекција, мониторинг и евалуација, а поддржаните проекти мора да соодветствуваат со стратешките приоритети на Општината.
Целосен текст на анaлизата: Капацитети за искористување и програмирање на ИПА фондови на локално ниво – Студија на случај: Општина Битола
Оваа студија е подготвена во рамки на проектот „Локален консултативен механизам ИПА2“, финансиран од Европската Унија.