ohrid

Охрид – рекордер во иселувањето на млади и образовани луѓе

на јун 27, 16 • од

Одливот на млади луѓе од Охрид за десетина години може да ја промени демографската слика на градот, сметаат експертите...
Pin It

Home » Активности » Охрид – рекордер во иселувањето на млади и образовани луѓе

Автор: Мики Трајковски

Филип Николоски и неговите петмина другари ова лето ќе заминат на работа во САД како студенти во потрага по подобра заработувачка. Велат дека се  одлучиле на ваков чекор, бидејќи можностите за вработување во нивниот роден град биле сведени на минимум. Младите разочарано раскажуваат дека ако немаш партиска книшка, тогаш единствен избор ти останува да работиш во некој од локалните кафе – барови или ресторани, или пак, да чекаш да дојде туристичката сезона за да се вработиш како сезонски работник.

„За три до четири месеци во САД може да се заработи околу 8.000 долари, па дури  и повеќе. Тоа се пари кои овде нема да можеме да ги заработиме за неколку години. Планираме да се вработиме во некој хотел на различни позиции, но со можност за дополнителна работа. Условите за заминување се да си редовен студент и да ги имаш положени поголемиот дел од испитите од тековната студиска година“, ги  објаснуваат момчињата своите планови..

Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, Охрид е на врвот на листата во Македонија по бројот на иселувања. Нашиот најголем туристички центар интензивно се празни. Во  публикацијата  на оваа институција насловена како „Миграции „2014“ – од  Охрид си заминале 643 лица од кои 375 заминале во странство. А, во претходната  година, бројот на иселени лица од Охрид бил околу 1.000.

Или, споредено низ бројки, во  текот на последните осум години од Охрид официјално се иселиле вкупно 6.066 лица. Најалармантни бројки се регистрирани во 2012 година, кога си заминале 1.296 лица, додека тој број  во 2011 година изнесувал 1.069 лица. Каков е моменталниот тренд не може да се компарира, бидејќи податоците за 2015 година сè уште не се објавени.

Германија и Америка омилени дестинации на младите охриѓани

Младите луѓе од Охрид најчесто заминуваат во западна Европа, Америка или во главниот град – Скопје. Соочени  со бесперспективноста во родниот град сè повеќе млади луѓе почнуваат да посетуваат курсеви по германски јазик. Мотивот е купување билет во еден правец за Германија, бидејќи  властите од оваа земја  објавија дека кај нив постои  недостиг од работна сила. Од оние што заминуваат во оваа западно-европска држава, најголем е бројот на млади лекари и друг медицински персонал, но си одат и лица со различни профили и занимања. Зголемениот број слушатели по германски јазик го потврдуваат и неколку училишта за јазици.

„Секојдневно се зголемува интересот за изучување на германски јазик. Поголемиот дел тоа го прават со цел да заминат во Германија на работа. Има и такви кои бараат индивидуални часови“, велат од едно училиште за странски јазици во Охрид, од каде инсистираа на анонимност.

Охрид вистински живее само три до четири месеци во годината. Најживо е во текот на туристичката сезона и за време на новогодишните празници. Како што би рекле охриѓани, коментирајќи ги актуелните случувања, во останатиот период од годината – „Охрид наликува на мртов град“. Во зимскиот период, улиците после  20 часот се речиси празни, а слична е состојбата и со локалните дуќани, па некои газди се принудени да ги затвораат објектите за време на зимата.

Весна Цветаноска е невработена охриѓанка, која  е магистер по политички науки и меѓународни односи. Таа вели дека загрижува тоа што во последните три години зголемен е интензитетот на младите кои го напуштаат  Охрид.

„Податоците на соодветните институции дека општината се наоѓа на првото место по младинско иселување во земјава, се сосема релевантни. Нешто  навистина  е „гнило“  во градот Охрид, кој со сигурни чекори го губи сјајот не само на еден од најголемите индустриски гиганти во рамките на поранешните југословенски  држави, туку  станува и се намалува и интересот за него како за туристички центар“, вели Цветаноска.

Според неа, овие податоци треба да го вклучат алармот не само кај  локалните власти, туку  и кај највисоките државни институции. „Повеќе од сигурно е дека младиот човек има милион причини да се раздели од своите најблиски и да тргне во потрага по својата среќа и економска егзистенција“, додава Цветаноска. Таа причините ги лоцира во исклучително слабиот интерес на владејачките гарнитури за изнаоѓање решенија за отворање нови работни места во Охрид, за рестартирање на фабриките кои некогаш беа едни од столбовите не само на македонската, туку и на југословенската економија.

Цветаноска вели дека на Охрид му треба здрав, силен и цврст граѓански и бизнис сектор кој како свој приоритет ќе ги постави потребите на младите и ќе биде застапник на младинските интереси пред општинските власти. „Сè повеќе се добива впечаток дека од стекнувањето на независноста, капацитетот на младиот човек во градов се вреднува многу ниско и затоа најголемиот дел од нас се упатуваат кон некоја од странските земји каде што нашата интелектуална сила не се проценува само низ призмата на партиската книшка“, заклучува Цветаноска.

Општинските  јавни претпријатија- најголеми работодавачи во Охрид

Она што дополнително  загрижува е тоа што најголеми работодавачи во Охрид се јавните и државните претпријатија. Дека ова е сериозен проблем за градот, признава и градоначалникот Никола Бакрачески, кој потврдува дека невработеноста во Охрид е најголема во Македонија.

„Охрид е град со најголема невработеност во Македонија според статистиката. Невработеноста е некаде за 10 отсто поголема од просекот во Македонија. Она што јас го наследив од минатата локална власт е превработеност во јавните претпријатија и во општинската администрација, која според процените е за  5 до 7 пати поголема од стандардите за ангажирање и вработување во јавната администрација и во јавните претпријатија кои се основани од локалната самоуправа“, вели Бакрачески.

Бакрачески потенцира дека  невработеноста во Охрид достигнува и до 40 отсто,а за 22  отсто  е помал и БДП по глава на жител од просекот во државата.

Охрид полека  прераснува во град на пензионери, вели Жаклина Лазареска, професор во Гимназијата “Свети Климент Охридски“ и советник во Советот на Општина Охрид од СДСМ. „Младите кои завршуваат на некој од факултетите, претежно во главниот град, воопшто не ја гледаат перспективата со враќање во Охрид. Нема работа, нема економски инвестиции кои ветуваат иднина во нашиот град. Цели 10 години централната власт на чело со ВМРО-ДПМНЕ, воопшто не инвестираше во развојот на Охрид. Последниве нивни ветувања не се реализирани и не даваат надеж дека за блиска иднина Охрид и охриѓани треба да очекуваат некое поголемо позитивно придвижување на економскиот развој“, вели Лазаревска и додава дека младите веруваат само во конкретни мерки и активности кои веднаш треба да се преземат.

Трендот на иселување ќе влијае врз демографската структура

Јавна тајна е дека голем број иселени охриѓани, живеат на „црно“ во странство, а сè уште не се одјавени од своите живеалишта во Охрид. Универзитетскиот професор од Охрид и претседател на огранок на политичката партија ДПА, Васфи Доко коментира дека пред десеттина години Охрид имал повеќе од 50.000- 60.000 жители.

Тој вели дека сега, според некои неофицијални податоци, во градот живеат над 35.000 жители, а во последните години загрижувачки феномен е тоа што многу млади луѓе без разлика на националната припадност одлучуваат да емигрираат во западно-европските или прекуокеанските земји.

„Овде би го навел интелектуалниот дел на нашата младина, кој за  подобра животна перспектива се одлучува на тој чекор. Сигурно на тоа делува и политичката и економската состојба, како  и настаните кои во континуитет создаваат клима на разочараност и неможност младите да го искажат својот професионален потенцијал. Секако за спречувањето на оваа миграција треба да се создаде клима на политичка и економска стабилност“, вели Доко.

Социологот и добар познавач на демографските политики, професорот Илија Ацески  е уверен дека трендот на иселување од Охрид и понатаму ќе продолжи. Тој предупредува дека Охрид може да се соочи со процес на промена на својата демографска структура во иднина. „Загрижува тоа што се иселуваат млади луѓе, оние кои само што ќе влезат во животот веднаш кај нив настанува едно психолошко отрезнување дека вистинскиот живот не е тука. Охрид живее неколку месеци од туризмот, останатиот период е некоја „зачмаеност“, нагласува Ацевски.

Според него, драматично е тоа што се менува структурата на овдешното население. „Во Охрид ќе дојдат 10.000 скопјани во текот на годината и така ќе живее градот. Но вистинските, оние охриѓаните кои ќе бараат некаква перспектива овде ќе  ги има се помалку и помалку. Веројатно за едно дваесеттина години 50 отсто од луѓето ќе имаат над 60 години“, вели социологот.

Ацески  вели дека во една поширока димензија Охрид нема економска перспектива. „Во Охрид доаѓаат луѓе од различни страни на светот и можеби таа отвореност во психолошка смисла создава перспектива дека добриот живот е некаде на друго место. Да живеете од туризмот, тоа значи да му служите некому, а тоа за охриѓани не е својствено“, вели Ацески.

И од Младински совет во Охрид, кој спроведува низа активности за вклучување на младите во секојдневните општествени процеси, велат дека се загрижени поради трендот на иселување од градот.

„Иселувањето е глобален проблем со кој се среќаваат голем број земји кои се долг период во транзиција. Оваа појава е евидентна и во Република Македонија, во последните неколку години. Секако и Општина Охрид не остана имуна на овој негативен тренд, што го стави градот на највисокото место по број на иселени млади лица. Се трудиме да ги едуцираме младите и да ги поттикнеме да останат во градот и во државата“, вели Димче Каневче, претседател на Младинскиот совет Охрид.

Каневче вели дека работат на неколку програми со кои ги третираат младите од Охрид, Ресен и Струга. Се организираат посети на институции и организации, се организираат денови на отворени врати, дебати со фокус групи  и тркалезни маси, а сè со  цел да се запознаат институциите и да се воспостави подобра комуникација на младите со институциите. Тој смета дека е неопходен организиран и стратешки пристап за надминување на проблемот со иселувањето.

*****

Прилогот е изработен во рамки на Проектот „Демографија – квалитет на живеење“ на НВО Инфоцентарот, Македонскиот центар за европско образование, Осми септември и Центарот за развој на медиуми, со поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондацијата Отворено општество -Македонија.

Содржината на прилогот е одговорност на авторот и не ги изразува ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави.


 

Фото: https://www.flickr.com/photos/byinge/9193333033/Creative Commons Attribution-NoDerivatives 4.0 International License

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top