На новинар од ТВ 21 попладнево (17 јуни 2016 ) од обезбедувањето на поранешниот премиер Никола Груевски му било побарано да ги избрише фотографиите од мобилниот телефон на кои бил фотографиран претседателот на владејачката партија, во прошетка низ улица Македонија. Како што информира ТВ 21, откако новинарот го забележал поранешниот премиер дека е во прошетка, се обидел да го сними моментот за да го објави на интернет-страницата на телевизијата.
Oбезбедувањето на екс-премиерот влегло во дворот на телевизијата, го зело мобилниот уред и ги избришало фотографиите од мобилниот телефон. На новинарот, според ТВ 21, му побарале новинарска легитимација, при што тој уредно ја покажал. Едниот од обезбедувањето приложил и легитимација дека е лице вработено во МВР.
„Сметаме дека екс–премиерот е јавно лице, и во интерес на јавноста е да се знае што прави и како се однесува. Ја повикуваме неговата партија и министерството за внатрешни работи да се огласат за овој инцидент. Безбедносните камери на ТВ 21 го забележа овој настан, односно регистрираа како обезбедувањето на екс-премиерот Никола Груевски, без дозвола на ТВ 21 влегува во телевизијата.“, се вели во информацијата објавена на интернет страницата на ТВ21.
извор: ТВ 21