НВО Инфоцентарот, како една од дваесетте граѓански организации кои беа директна мета на „ловот на вештерки“ односно на минатогодишните инспекции и истраги од страна на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција и Управата за јавни приходи, изразува задоволство од официјалната информација дека истрагите се неосновани и дека тие се завршени бидејќи не се откриени никакви кривични дела.
Ваквиот епилог, недвосмислено укажува на фактот дека државните институции беа злоупотребени од режимот на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски, за политичка репресија врз граѓанските организации и активистите. Процесот на „десоросоизација“ инициран од ВМРО-ДПМНЕ имаше една и единствена цел, да ги заплаши, замолчи и казни борците за слобода и демократија во Република Македонија.
Сепак, сметаме дека затворањето на истрагите не е доволно. Бараме надлежните институции да покренат кривични постапки спрема сите лица кои се ставија во функција на режимот на ВМРО-ДПМНЕ во процесот против критичкото граѓанско општество. Од нарачателите, до сите лица кои ја злоупотребиле својата позиција и службена должност.
Оние кои направиле злоупотреба мора да одговараат, зашто само на таков начин правдата може да биде задоволена, но и да се спречат и обесхрабрат сите идни обиди од која било власт, за заплашување и политички прогон на граѓаните.