НВО Инфоцентарот е вчудовиден од неетичкиот и неморалниот чин на Институтот „Димитрија Чуповски“ за узурпација на авторските права и правата на интелектуална сопственост на нашата програма за континуирано набљудување и анализа на медиумите - „Медиумско огледало“.
Овој Институт, со објавувањето на квантитативниот мониторинг на медиумите насловен како „Медиумско огледало“, на најочигледен и најнекоректен начин се обидува да ги „позајми“ брендот и репутацијата на мониторингот на медиуми „Медиумско огледало“, на НВО Инфоцентарот, кој се спроведува (објавува) веќе пет години и кој им е многу добро познат на сите медиуми и медиумски организации, на сите јавни и државни институции, на сите меѓународни организации во државава, на целиот дипломатски кор и на целата јавност воопшто.
Институтот копирајќи го името на нашата програма за истражување преку неовлaстeното користење, располагање, емитирање и вознемирување на нашите права, ги доведува во заблуда сите овие институции , како и јавноста во целина. За оваа постапка на Институтот „Димитрија Чуповски“, НВО Инфоцентарот веќе и официјално ги извести сите домашни и меѓународни институции и организации, кои редовно ги добиваат и ги читаат извештаите на „Медиумското огледало“.
НВО Инфоцентарот за да ги заштити авторските права и правата на интелектуална сопственост на својата програма веќе ги презема сите со закон предвидени чекори и активности.
Едновремено, најљубезно ги замолуваме претставниците на Институтот „Димитрија Чуповски“ да му најдат ново име на својот мониторинг и самостојно да се обидат да му изградат препознатлив бренд и репутација.
„Медиумското огледало“ на НВО Инфоцентарот е програма која во континуитет се спроведува од мај 2005 година, со финансиска поддршка на Шведскиот хелсиншки комитет за човекови права, Амбасадата на САД во Република Македонија и на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија. Основната цел на оваа програма е да го набљудува и анализира квалитетот на информациите што граѓаните ги добиваат преку медиумите за клучните општествени процеси во Македонија (изборите, реформите, децентрализацијата, односите со соседите, евроинтеграциите и др.). Досега во рамките на „Медиумското огледало“ се објавени 38 извештаи, а до крајот на април ќе биде објавен и првиот извештај за 2010 година, посветен на информирањето на медиумите за спорот со името.