Вања Мицевска новинарка на Канал 77 ја информираше јавноста дека не само што не и било дозволено да известува од еден контрапротест на ГДОМ во Штип, туку дека била избркана од неколкумина учесници и дека полицијата не презела ништо за да го спречи нејзиното отстранување од контрапротестот.
Еве го во целост нејзиното обраќање:
„Кој си ја има мувата на капата, сам си ја ишка“…Ако на протестот на Шарена револуција во Скопје деновиве снимаше некој самопрогласен новинар без легитимација, без ништо, не значи драги мои сограѓани дека истото ќе се случи и на вашите контрапротести. Цела година ја опораваме Македонија со договорот од Пржино кој предвидува реформи во медиумите, но за какви слободни медиуми зборуваме? Вака ли ги замислувавте медиумите кои би известувале слободно, додека ги бркате новинарите од терен?
Денеска, откако снимав и фотографирав за време на протестот почна и контрапротестот на ГДОМ. Оние кои го држеа главниот траспарент ми рекоа да си заминам, но јас им објаснив дека сум службено таму и сакав да ја покажам новинарската легитимација. Сепак, бев избркана. Се обратив и до еден од полицајците, но и тој ми даде знак со раката да заминам.
Каде е слободата на медиумите? Зошто бев спречена да известувам за настан од јавен интерес? Зошто полициската екипа која беше таму не сакаше да ме евидентира? Зошто на претходните контрапротести не ви пречеше моето присуство, па сега ви текна да викате по мене? Дали знаете вие, мои сограѓани кои го направивте ова, дека јас за да дознаам кога и каде почнуваат вашите контрапротести морам да се распрашувам по вашите сопартијци, затоа што вие намерно или не, не секогаш ги испраќате ваквите информации до медиумот.
Зошто вие, мои сограѓани, на кои толку ви пречеше да се известува за вашиот настан, не земете пример од некои од вашите сопартијци кои постапуваат многу пријателски? Сопартијци на кои не им пречи да ги фотографираат додека маршираат низ нашиот град, но и такви кои даваат изјави за медиумите… Јас успеав да ги снимам моментите кога пеевте патриотски песни, што можеби и ќе ви покаже дека не сум имала намера да известувам пристрасно, но доколку веќе зборуваме за демократија, знајте дека еден од нејзините темели е медиумската слобода, слободата на изразување и првото на граѓаните да бидат информирани за настани од јавен интерес.
Е сега, можеби вие контрапротестот не го сметате за нешто што е од јавен интерес или пак, сакате сами да селектирате колкав дел од медиумскиот колач ќе ви припадне. Јас тоа не знам, но ќе се произнесам со уште една недоумница – зошто ако сум била сомнителна и за полицајците не сакаа да ја погледнат мојата легитимација од Канал 77 и да ги евидентираат моите податоци?
Не ќе да е ваква слободната Македонија што ја испишавте на транспарентот… “