АЈДЕ – Платформата за граѓанска политика, на 5 март 2016, го организираше четвртиот масовен граѓански протест пред зградата на Уставниот суд. На протестот говореа активистите Уранија Пировска, Славчо Димитров и претставници од „Но Пасаран“
Во повикот на оваа граѓанска иницијатива се вели:
„Ајде уште еднаш јасно и громогласно да порачаме дека ние, граѓаните на оваа држава, нема да престанеме да протестираме сè додека судиите кои ја донесоа одлуката за помилување на изборните измами и други тешки криминали не си поднесат оставка.
Судиите Елена Гошева, Никола Ивановски, Владимир Стојаноски, Вангелина Маркудова и Јован Јосифовски, не само што се „гробари“ на Уставот, туку се и соучесници на власта во попречувањето на правдата.
Бидејќи попречувањето на правдата е сериозно кривично дело, едногласно го поддржуваме предлогот на Специјалното јавно обвинителство тоа кривично дело да биде што е можно побрзо воведено во правниот систем на Република Македонија и најстрого санкционирано.
Петтемина судии се само продолжена рака на партијата на власт и соучесници во изборните кражби, затоа што причинско-последичната врска меѓу нивната одлука и случајот „Титаник“ е повеќе од очигледна.
Граѓанки и граѓани, ајде сите в сабота, 5 март, во 13 часот да се собереме пред Уставниот суд и да порачаме: „НЕМА ПРАВДА – НЕМА МИР!“.