ХЕРА како еден од првите иницијатори и оваа година се приклучува на Европската Недела на ХИВ тестирање која ќе трае од 21 до 28 ноември. Акцијата е поддржана од повеќе од 680 организации ширум Европа, кои работат на превенција на ХИВ и годинешниот слоган е ЗБОРУВАЈ ЗА ХИВ. ТЕСТИРАЈ СЕ ЗА ХИВ. Целта е да се подигне свеста на јавноста за придобивките од ХИВ тестирањето и воедно да се мотивираат граѓаните да направат ХИВ тест и да го дознаат својот ХИВ статус.
Иако во последните години бројот на ХИВ тестирања е зголемен, статистичките податоци говорат дека на годишно ниво во Македонија се уште мал број на граѓани самоиницијативно прават ХИВ тест. Дополнително последните европски статистики покажуваат дека 30-50% од 2,3 милиони лица кои се претпоставува дека живеат со ХИВ во Европа не се свесни за својот ХИВ статус. Понатаму, 50% од оние што се позитивни доцна се дијагностицираат, со што се доцни со пристапот кон третман. Доцната дијагноза се поврзува со здравствени компликации, додека, пак, оние лица кај кои ХИВ е рано дијагностициран и кои навремено започнале со антиретровирусна терапија живеат долго и квалитетно. Доколку ХИВ се открие навреме, односно се направи ХИВ тест и се обезбеди соодветен третман, ХИВ се третира како хронична инфекција со која може да се живее долго и квалитетно.
Македонија има широко распространета мрежа на услуги за доброволно, доверливо и бесплатно ХИВ тестирање во 11 градови низ земјата. ХЕРА ги охрабрува сите граѓани, особено оние кои практикувале сексуален однос без кондом, да направат ХИВ тест, бидејќи сексуалниот начин на трансмисија се уште претставува доминантен начин на пренос на ХИВ, по кој следува преносот преку крвен пат и од ХИВ позитивна мајка на новороденче. Потенцираме дека тестирањето за ХИВ треба да биде доброволно и доверливо и секогаш да се прави со информирана согласност на клиентот.
Граѓаните може да се јават на телефонскиот број 02/3176 950 или да не контактираат на hivtest@hera.org.mk за да добијат сеопфатни информации за тестирањето за ХИВ.
Младинскиот центар „Сакам да знам“ Водно, во рамките на Европската Недела на ХИВ тестирање нуди советување и тестирање ХИВ, секој ден од 21 до 28 Ноември од 15.00 до 20.00 часот, по што тестирањето продолжува како редовна услуга и по завршувањето на кампањата.
Дополнително ХЕРА ја промовираше и првата мобилна апликација ХИВ тест која е веќе достапна на Google Play (https://play.google.com/store/apps/details?id=com.hera.hivtest&hl=en) и којашто ќе им помогне на граѓаните да се информираат за ХИВ и да дознаат која е најблиската локација каде може бесплатно да се советуваат и да се тестираат за ХИВ.