На 17 септември 2014 (среда), со почеток во 10 часот, вo ГЕМ клубот во Старата скопска чаршија, Фондацијата Отворено општество Македонија, Хелсиншкиот комитет за човекови права, ЛГБТИ Центарот за поддршка, Коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници и Македонскиот центар за европско образование организираат јавна расправа по Нацрт-амандманите на Уставот на РМ.
Најновите нацрт-амандмани на Уставот на РМ,предложени од страна на Владата, на македонската јавност и беа најавени непосредно пред летните годишни одмори. Со исклучок на делот од Амандманот XXXIII кој предвидува уставно редефинирање на бракот како заедница исклучиво само меѓу еден маж и една жена, ниту една од другите предвидени уставни измени во минатото не била тема на јавна дискусија. Дополнително, уставните измени се предлагаат без соодветно и издржано образложение и во услови кога работата на Собранието ја бојкотираат сите опозициски партии. Ваквата состојба не го спречува владејачкото мнозинство во забрзана собраниска постапка, без содржајна дискусија и со исклучување на општата и најголемиот дел на стручната јавност безобзирно да ги наметнува своите ставови и идеи. Ваквото постапување е директен напад на уставната демократија која по дефиниција означува штитење на правата на малцинствата како начин да се избегне целосно владеење на мнозинството.
Говорници на дебатата ќе бидат Светомир Шкариќ Маргарита Цаца Николовска, Петар Гошев, Абдулменаф Беџети, Кире Наумов, Кочо Андоновски, Славчо Димитров и Ирена Цветковиќ, а ќе биде овозможен и пренос во живо на vozivo.mk .
Извор: ФООМ